Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва се обрати пред граѓаните на Скопје и ја отвори првата од караванот трибини „Најдоброто за нашата општина“.
Во воведниот дел од обраќањето, Заев се осврна на актуелната состојба со процесот на евроинтеграциите и надминување на нелогичните блокади на патот кон ЕУ.
– Ви носам поздрави од Париз, од главните градови на цела Европа, преточени поздрави во силна и искрена поддршка за нашата татковина чиј главен град е ова наше убаво Скопје. Скопје е гордо и почитувано кога Северна Македонија е горда и почитувана. За нас е многу важно што земјите членки на ЕУ, меѓу кои и Франција го поддржуваат процесот на интеграција во ЕУ. Пред нас е Самитот на Европскиот Совет во јуни, вистинска можност за чекор напред и за решение кое ќе ја оттргне блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решенија, а најважното просперитетно решение сега за нас е решението за почеток на преговорите, одобрен од сите земји членки на ЕУ – рече Заев.
Тој истакна дека државата направила сѐ што треба во процесот на реформи и исполнување на критериумите и дека сега на ред е Европската Унија.
– Направивме се, сработевме, ги исполнивме сите критериуми, на ред е ЕУ да испорача. Подготвени сме за билатерален дијалог кој ќе донесе разумен и взаемно прифатлив договор во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Секако прашањата за македонскиот јазик и идентитет не се и не може да бидат на која било маса. Се бориме за иднината на земјата и ќе направиме се за неа. Да се бориш за својата земја, за својот народ, за својат град, општина, е привилегија, чест, одговорност – рече Заев.
Шилегов: Скопје го направивме успешна приказна
Заедно со вас граѓаните успеавме да создадеме едно сосема ново, едно поинакво Скопје да го претвориме Скопје во една сосема поинаква, успешна приказна, а таа приказна не завршува тука. Скопје денес е многу подобро од пред 4 години. И тоа е така затоа што Скопје го заслужува најдоброто. А најдоброто допрва следува, порача пред насобраните граѓани на трибината на СДСМ под мотото „Најдоброто за нашата општина“, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
Тој додаде дека после 4 години вложување многу љубов, средства, волја и упорност, разликите се видливи.
– Луѓе без визија и морал не затрупаа во камен, стиропор и бронза, служевме за потсмев во светот додека се буквално се гушевме од невкусот и криминалот и во загадениот воздух, што ни го оставија во аманет, а денес, после 4 години вложување многу љубов, средства, волја, упорност во секое маало, во секое катче од Градот убав, од нашето Скопје, разликите се видливи, разликите се неспоредливи, нагласи Шилегов, додавајќи дека токму тоа опозицијата најмногу ја боли и води црна пропаганда, која паѓа во вода кога се возат по новиот булевар Христијан Тодоровски Карпош, до обиколница, кога возат велосипед на булевар АСНОМ, кога се движат по Никола Карев или пластичарска или Босна и Херцеговина – рече Шилегов.
Тој наведе дека само минатата година се реконструирани и изградени вкупно 21 улица, сите 23 средни училишта во градот се реконструирани и сега имаат нови енергетски ефикасни фасади и прочистувачи за воздух во секоја училница.
– Бас рапид транзит системот на брз автобуски превоз популарно наречен „трамвај на тркала“ е на чекор од неговата имплементација. Со потпишувањето на договорот за заем од 70 милиони евра, со поддршка на Владата, процесот на воведување на БРТ во Скопје го доведовме до точка од која нема враќање. За 4 години ќе почне да работи на двата правци – истакна Шилегов, додавајќи дека токму СДСМ во Скопје имплементира најбрз концепт за превоз на патници во Европа.
Според градоначалникот, денеска никој веќе не зборува за загадување.
– Започнавме војна со аерозагадувањето со воведување на нови 40 мерки – истакна Шилегов.
Тој додаде дека само со субвенциите за инвертер клима уредите во Скопје се заменети 6.500 грејни тела, изградени се 2 нови зелени кровови на ГТЦ и Домот на градежници, третиот на Мавровка се прави, а воведен е целосно нов концепт за третман на комуналниот отпад, дивите депонии и дивите паркиралишта ги претвораме во паркови.