Парламентарни избори 2020
Политичките партии и вчера ја продолжија изборната кампања со несмалена жестина, со објавување аудиобомби и меѓусебни обвинувања за сторени криминали, но и со ветувања за економско закрепнување на државата.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во рамките на кампањата вчера најави зголемување на минималната плата до крајот на мандатот на новата влада.
– До крајот на мандатот, минималната плата ја креваме на 20.000 денари. Тоа е за дури 120 отсто повеќе од минималната плата од 9.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година – истакна Заев.
Според него, ќе има раст на платите во сите сектори, а проектот „Мој ДДВ“ ќе продолжи и во иднина.
– Прагот за месечен поврат на ДДВ го креваме од 600 на 800 денари месечно. Тоа значи 2.400 денари на квартално ниво, тоа значи 9.600 денари на годишно ниво. Тоа е приход плус во секое семејство, екстра-пари што ќе се вратат назад во економијата. Нудиме модел што ги штити работните места на граѓаните, генерира повисоки плати и подобри работни места и обезбедува повеќе пари во секое семејство – истакна Заев.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата во изборната единица 4, Александар Николоски, вчера беше во посета на Валандово и валандовскиот регион, при што се сретна со поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов.
– Неговата визија и совети се од голема помош за мене во оваа кампања… Ќе ја направиме Македонија економски силна, а народот национално горд. Заедно ќе победиме во четворката и во цела Македонија – напиша Николоски на својата официјална фејсбук-страница.
Носителката на ИЕ 4 Лидија Горачинова Илиева од „Глас за Македонија“ се пожали на прекршување на Изборниот законик, бидејќи, како што рече, голем дел општини немаат одговор каде може нивната партија да истакне плакати на јавни места.
– Од 24 општини во нашата изборна единица до кои се обративме со барање да нè известат за доделените локации, само осум ни одговорија, но откако кампањата почна. Меѓу нив има општини што определиле еден ист простор за сите, а не за секој подносител на листа одделно како што налага законот. Има и општини од кои добивме само устен одговор дека „тие немале такви места“. Состојбата е иста, па и полоша во однос на ИЕ 3, во цела Македонија.
До кога општините нема да си ја вршат работата, а надлежните институции ќе молчат – прашаа од „Глас за Македонија“.
Кандидатот за премиер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Насер Зибери, вчера од пред зградата на македонската влада, преку симболична конститутивна седница, се заложи за мултиетничка химна, задолжително учење албански јазик, ветинг за сите, флексибилно работно време, фонд за млади и иновации.
– Моја работа како премиер е да донесам и имплементирам консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност. Ова значи дека 10-те стратегиски државни институции ќе се управуваат заеднички од еден Македонец и еден Албанец, со заеднички права за потпишување. Ќе се грижам за еднаква дистрибуција на јавните инвестиции – најави Зибери.
Според него, потребно е во секое основно училиште, почнувајќи од петто одделение, да има задолжителни часови по албански јазик, прогласување на денот на потпишувањето на Рамковниот договор за државен празник, како и консензус за химната. Тој најави и поддршка за инвеститорите, воведување флексибилно работно време, економско закрепнување, нула данок…
Кандидатот на коалицијата „Никогаш Северна, само Македонија“ за ИЕ 2, Јове Кекеновски, истакна дека враќање на името, поништување на Преспанскиот договор, преиспитување на договорот со Бугарија, Законот за двојазичност, се дел од стратегиските определби на коалицијата чиј кандидат е тој.
– Ние сакаме да бидеме народни пратеници, а не политички платеници и извршители на желбите на лидерите на политичките партии. На државата не ѝ требаат слепи и послушни пратеници, кои само ќе стискаат зелено и црвено копче во согласност со директивите што ги добиваат од партиите – изјави Кекеновски.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, рече дека најверојатно утре ќе биде заклучен избирачкиот список.
– Веројатно в среда ќе го заклучиме избирачкиот список. Завршени се сите потребни активности, обработката на податоците. Не можам да го кажам точниот број, но 1.814.000 и неколку стотини гласачи ќе бидат на избирачкиот список на овие избори. Ќе почекаме до среда, кога дефинитивно ќе го соопштиме точниот број. Потоа избирачкиот список се обработува во нашите служби, се генерира за печатење во печатницата – соопшти Деркоски.