Меѓународниот ден на жената оваа година е митинг за полова еднаквост. Време е конечно целосно да се искористи моќта на женското лидерство за да се реализира порамноправна, поинклузивна и поодржлива иднина
Осмомартовска порака на УНДП до светот во пандемија
Меѓународниот ден на жената оваа година не е како ниту еден друг ден, бидејќи земјите и заедниците полека закрепнуваат од разорната пандемија. Оваа година имаме шанса конечно да им ставиме крај на исклучувањето и маргинализацијата на жените и девојчињата. Но за да го сториме тоа, потребна ни е итна акција. Жените мора да имаат шанса да играат целосна улога во обликувањето на клучните одлуки што се носат во моментот кога земјите реагираат и закрепнуваат од пандемијата предизвикана од ковид-19. Тоа се избори што ќе влијаат на благосостојбата на луѓето и планетата за генерациите што доаѓаат.
За да го сториме ова, ние мора да ги срушиме длабоко вкоренетите историски, културни и социоекономски бариери што ги спречуваат жените да заземат свое место на масата за донесување одлуки за да се осигуриме дека ресурсите и моќта се еднакво распределени. На пример, низ целиот свет, жените остануваат концентрирани на најнископлатени работни места, многумина во екстремно ранливи форми на вработување. Многу поверојатно е дека во време на корона-кризата, жените двојно повеќе ќе бидат жртви на изгубени работни места за разлика од мажите.
Навистина, пандемијата драматично ќе ја зголеми стапката на сиромаштија кај жените и ќе го прошири јазот меѓу мажите и жените што живеат во сиромаштија.
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) работи со земјите од целиот свет за решавање на овие нееднаквости. Нашиот краток извештај за отворање очи, истражува како привремен основен приход за жените во земјите во развој може да обезбеди дел од решението. УНДП тврди дека вредна месечна инвестиција од 0,07 проценти од БДП на земјите во развој може да им помогне на 613 милиони работоспособни жени што живеат во сиромаштија да го апсорбираат шокот од пандемијата. Исто така, тоа ќе придонесе за економската сигурност и независност, неопходни за жените да се вклучат подлабоко во одлуките што можат да ја променат нивната иднина.
И покрај бариерите, жените, особено младите жени, се во првите редови на разновидните и инклузивни движења за социјални промени – преку интернет и на улица. Тоа ја вклучува нивната водечка улога во заземање став против климатските промени, борба за зелена економија и притисок за правата на жените. И знаеме дека поинклузивното лидерство и застапеност водат кон посилни демократии, подобро управување, и помирни општества. Погледнете, на пример, истражувањето на „УН жени“, покажува дека вклучувањето на жените во мировните процеси веројатно ќе направи мировните договори да траат многу подолго.
Сепак, ние не се движиме доволно брзо. Со сегашната стапка на напредок, родовата еднаквост меѓу шефовите на влади, на пример, ќе трае уште 130 години. За да се наруши статус кво состојбата, УНДП работи на засилување на гласовите на жените и на промовирање на нивното учество и лидерство во јавните институции, парламентите, судството и приватниот сектор. Со наша поддршка, околу 180 различни мерки – од изборни квоти до родово паметни деловни политики – беа воспоставени од земјите низ светот во 2019 година.
И „Ковид-19 глобал џендер риспонс тракер“ заедно со „УН жени“, им помага на владите да се идентификуваат и да се решат празнините во нивниот одговор на пандемијата – од начини за решавање на родово насилство до начинот на прераспределба на неплатената работа за нега.
Да се развиваме подобро од кризата со ковид-19 и да ги вратиме глобалните цели цврсто на вистинскиот пат, не можеме едноставно да се вратиме во светот што го имавме порано. Ние мора да ги правиме работите поинаку. Тоа значи кршење на бариерите што ги спречуваат жените и девојчињата.
Меѓународниот ден на жената оваа година е митинг за полова еднаквост. Време е конечно целосно да се искористи моќта на женското лидерство за да се реализира порамноправна, поинклузивна и поодржлива иднина.
Автор: Ахим Штајнер, администратор, Програма за развој на Обединетите нации (УНДП)
Неколку интересни изјави по повод 8 Март
Германската канцеларка Ангела Меркел во светлината на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, сепак тежиштето го префрли на заштита на сите граѓани од ширењето на вирусот и превенција од болеста ковид-19. Имено, токму на денот на жените и од нивно име, германската влада гласно порача до сите граѓани „првенствено да внимаваат на своето здравје“.
Фумзиле Мламбо-Нгцука од Комитетот за човекови права при ОН упати порака дека Меѓународниот ден на жената, 8 Март, е специјален ден за сите низ целата планета. Особено за децата и младите девојки и жените што се подложни на напади од тиранијата во неразвиените земји.
– Па затоа да го подигнеме гласот за правата на жените на овој ден пред телата на Обединетите нации за подобрување на состојбите – вели таа.
Загрепската публицистка Весна Блашковиќ во интервју за темата вели дека жените заслужуваат да добијат свое важно место во медиумите каде што треба да се чуе, прочита и види нивната мисла, која особено добила значење за време на животот во пандемијата на жените во Хрватска.
– Модните ревии веќе престанаа, модните колекции на креаторите веќе не се како порано. Жените во случувањата своите размислувања ги свртеа на поинакви теми. Општествениот ангажман на жените сега повеќе од кога било е во преден план. Токму затоа е вредно да се напомене дека просторот во медиумите посветен на жените и на женските интереси е добредојден во 2021 година – вели Блашковиќ.
Публицистката Ана Јовковска, во изјава за медиумите на темата по повод Денот на жените, вели дека жените треба да почнат да размислуваат надвор од шаблонот за родовите стереотипи.
Саша Сашек Гошева, помошник-директорка на Секторот за финансиски прашања во Царинската управа, истакна дека остварувањето на целите не е секогаш лесно, особено не за жените, бидејќи е придружено со многу предизвици, позитивни и негативни страни, истакнувајќи дека нема магија во остварувањето на целите.
– Сè се сведува на тешката работа, вистинските избори и упорност. Да се биде успешна жена значи дека својата моќ ја добивате однатре како жена, а не од тоа што мислат другите, што одобруваат или што очекуваат од вас. Да се биде успешна жена значи да се најде сопствениот пат. Разбирањето дека не постои „идеален пат“, туку „идеален пат за вас“ е клучот за вистински да се биде успешен – вели таа.
Македонската политичарка Жаклина Пешевска, која е претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на својот фејсбук-профил најави дека по повод Меѓународниот ден за правата на жените нејзината партија организирала крводарителска акција.
– Им благодарам на сите жени што учествуваа во акција, но и на сите мажи. Жените ги покажаа својата големина и хуманост – напиша Пешевска.