Годинава беа одбележани 118 година од Крушевската Република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ. Идеите и начелата за кои се бореле македонските првоборци во 1903 година подоцна добиваат реализација во борбата на новата генерација Македонци во 1944 година. Какви се пораките, ставовите и размислувањата денес во Македонија на истакнати јавни личности по повод двата Илиндена и актуелните предизвици со кои се соочува државата
МАКЕДОНИЈА ОДБЕЛЕЖИ 118 ГОДИНИ ОД КРУШЕВСКАТА РЕПУБЛИКА И 77 ГОДИНИ ОД АСНОМ
Македонија вчера го одбележи најголемиот државен празник, 2 Август – Денот на републиката. Годинава беа одбележани 118 година од Крушевската Република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.
Во 1903 година, почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. Какви се ставовите и размислувањата денес во Македонија на истакнати јавни личности по повод двата Илиндена?
Наташа Котлар, професорка од Институтот за национална историја (ИНИ)
Симбол на сите борби
за создавање слободна македонска држава
– За нас Македонците, во ова време-невреме и на искушенија, ИЛИНДЕНСКОТО востание и покрај неуспехот (слободна македонска држава) е настан од историско значење, затоа што во него беше внесена силна МАКЕДОНСКА, народна содржина. Иако предвремено, недоволно подготвено, со многу непријатели и нивни лоши намери, Илинденското востание е македонско востание по својата идејност – ослободување и создавање македонска држава, накратко воспоставена со Крушевската Република. Идеите и начелата за кои се борат овие македонски првоборци добиваат реализација во борбата на новата генерација Македонци. Тие се учесници во борбата против тогашните моќни политички и воени сили – Германија, Бугарија, Италија, правилно определувајќи се за борба против фашизмот (1941-1945)…
Оваа историска прокламација, најмоќно прозвучува на 2 август 1944 г. на ПРВОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АСНОМ, кое станува „единствен носител на народниот суверенитет на првата македонска држава“. Затоа и не случајно во тогашните документи се вели: „АСНОМ денеска има да каже и на цел свет, на пријатели и на непријатели, на сојузници и врагови, да после Самуила, а прв пат во својата историја, македонскиот народ гради створуе своја држава. Македонската држава е реалност… денешен ИЛИНДЕН е не само прод’лжуене на илинденските традиции, ама нешто ново, поголемо, позначајно, кога се раѓа првата македонска држава, како резултат на тешката и крвава борба, на сеопштото народно востание.“ Оттука е и Решението на Првото заседание на АСНОМ за прогласување на Илинден – 2 август за национален празник на сите Македонци: „Илинден – 2 август се прогласуе за народен државен празник на македонскиот народ и македонската држава, како симбол на сите негови борби за негово коначно ослободуене от вековното ропство и за создавање на слободна и суверена федерална македонска држава.“
Нека е честит и вековит празникот Илинден!
Билјана Ванковска, професорка на ФилозофскиОТ факултет при
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“
Ниту илинденците ниту партизаните се бореле за Северна
– Не може во исто време да ни е „За многу години Илинден!“ и „Да ни е вечна и вековита република Северна Македонија!“. Тие две работи не одат заедно! Ниту илинденците ниту партизаните се бореле за нивната Северна, а како и сѐ под сонцето, и Северна нема да биде вечна ниту вековита. Оваа политички и морално корумпирана врхушка не може да ги узурпира ниту идеалите на предците, ниту тие на идните генерации. Нивниот Устав е климав и никако не е вечен. Северна ќе се стопи под жешкото сонце како топка мраз после летен порој со град. Да живее Република Македонија, да живее македонскиот народ!
Љубомир Цуцуловски, филозоф, писател и професор на Филозофскиот факултет
Македонци бидете без грижа – сте биле, сте и ќе бидете
– Фактите имаат необични својства. Тие постојат, сеедно дали некому му се допаѓаат или не. Ако некој има доволно брутална моќ да ги уништи, тогаш останува фактот дека тие факти биле уништени. А тој факт – фактот дека некои факти биле уништени – никој не ќе може да го уништи, колку и да се труди.
Тоа што важи за секој факт, важи и за фактот за постоењето на македонската нација. Ако некој поседува доволно брутална сила да го уништи фактот за постоењето на македонската нација, тогаш останува фактот дека Македонците сепак биле, бидејќи може да се уништи само тоа што б и л о, меѓутоа не и тоа што не било. Затоа Македонци бидете без грижа – сте биле, сте и ќе бидете, колку тоа некому и да не му се допаѓало. Но, наедно, бидете доволно будни и мудри за да не може некои да ве третираат како да сте будалетинки или нивна лична сопственост, бидејќи никој не ги избрал, уште помалку овластил, да се поигруваат и потсмеваат со постоењето и историјата на македонската нација.
Кица Колбе, македонска писателка
Недоверба и неверување
– Откако започна транзицијата, при секоја моја посета на Македонија сѐ почесто ја слушам реченицата: „Не нѐ бива!“ Во неа ја гледам суштината на македонскиот дефетизам. Таа има и многу други јазични варијации, зависно од констелацијата, како „ништо од овој народ“ или „од нас не бива држава“. Сите ја изразуваат истата порака: длабоко неверување во себе како народ. Недоверба дека како држава или како заедница Македонците се способни да ги остварат посакуваните цели.
Ѓорѓе Иванов, универзитетски професор
Историјата ќе суди
– Историјата ќе суди за тие што го следеле патот, го исполнувале заветот и не се откажувале од светлината на Илинден, светлина ШТО многумина се обидувале да ја попречат за да не стигне до идните поколенија. За многу години Илинден! Нека ни е вековита слободата, независноста и сувереноста! Да живее Република Македонија!
И власта и опозицијата повикаа на обединување, единство и слога
Секогаш бевме и остануваме на сончевата страна на мирољубиво решавање на сите недоразбирања и конфликти, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, по повод 2 Август.
– Континуитетот во остварување на нашите стратегиски цели, како наш трет Илинден, е нашето членство во НАТО и нашиот стремеж за остварување на вториот стратегиски приоритет – членството во ЕУ. Светлината на Илинден блесна двапати во нашата историја. Во генетскиот запис на нашата држава се запишани духот на Крушевскиот манифест и на документите од Првото заседание на АСНОМ. Декларацијата на АСНОМ е декларација за универзалните слободи и права на граѓаните и за цивилизациските вредности – рече Заев.
Премиерот нагласи дека Илинден на новата генерација е независноста прогласена на 8 септември 1991 година.
– Оваа година одбележуваме три децении од независноста, со единствен желба – нека е вековита. Нашиот трет Илинден е печатот ставен на Северна Македонија во ОН, како држава во која официјален и службен е македонскиот јазик – кажа Заев, повикувајќи на единство и слога во остварување на државните интереси.
Порака за обединување од Ташмаруништа испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. На одбележувањето на 2 Август, лидерот на најголемата опозициска партија рече дека обединувањето ќе значи надминување на разликите во опозицијата.
– На една маса мораме да седнеме сите на кои Македонија ни е важна и таквата подадена рака ќе значи свесен чекор и одговорност спрема народот. Народот ќе ја види разликата. Една прачка лесно се крши, но цел сноп прачки се силни како греда. Затоа тука од Ташмаруништа, на ден Илинден испраќам порака на обединување, на нешто што е многу повеќе од коалиција за власт – рече Мицковски и нагласи дека Илинден е нашата светост, посебно чувство за секој Македонец.
Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузар
Илинден прогласен за Ден на македонското наследство во Вашингтон
Мјуриел Баузар, градоначалничка на Вашингтон, во честитката по повод македонскиот празник Илинден го спореди овој празник со борбата за државност на Вашингтон и го прогласи Илинден за Ден на македонското наследство во Вашингтон.
– Додека денес Обединетата македонска дијаспора и македонско-американската заедница го одбележуваат Илинденското востание од 1903 година, бунт во потрага по слободна, независна и суверена Македонија. Додека македонската независност првично беше краткотрајна, Илинденското востание значително резултираше со формирање на првата демократска република во Југоисточна Европа и ги постави темелите за ослободување и независност во 1991 година. Додека историската борба на Македонија за самоопределување е паралелна со денешната борба за државност на нашиот град, која одекнува со македонско-американската заедница во Вашингтон, која стои солидарна со нас.
Додека Вашингтон е горд што ги слави културните традиции, потекло, храна, јазици, историја и огромните жртви на македонската заедница, ние исто така можеме да научиме од бескомпромисните концепти на нивните предци за слобода, независност и еднаквост, кои фундаментално го променија текот на македонската историја и го зајакнаа народот да остави храбро наследство во својата татковина и низ целиот свет: затоа, сега, јас, градоначалничка на Вашингтон, со ова го објавувам 2 Август 2021 година, како Ден на македонско-американското наследство во Вашингтон – пишува во прокламацијата на градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Бaузер.
Илинден бил и ќе остане само македонски
Пред мал број присутни, вчера во потпелистерското село Трново, во дворот на црквата „Св. Пресвета Богородица“, се одржа јубилејната 50-та по ред Семакедонска средба.
Беше истакното дека сите присутни на средбата се единствени во одбраната на името, јазикот и идентитетот на државата. Беа побарани раскинување на Договорот за добрососедство со Бугарија и распуштање на меѓувладината комисија мегу Македонија и Бугарија за ревизија на историјата. Наедно беше побарано и раскинување на Преспаснкиот договор со Грција.
Од Матицата на иселениците беше речено дека матицата ќе направи сѐ заедно со сите Македонци во светот да ги одбранат Македонија, македонскиот народ и јазик, зашто тоа е вековен аманет од предците на историјата.
– Отфрламе заедничко македонско-бугарско чествување на Илинден бидејќи Илинденското востание е македонско. Илинден е национален празник на сите Македонци во светот. Без Македонија и Македонците нема мир и стабилност на Балканот во Европа – гласеше пораката на Матицата на иселениците.ткако ги повтори веќе познатите и многупати слушнати ставови и пораки, Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, истакна дека Македонија никогаш нема да се согласи да се нарекува Северна туку дека ќе биде само Република Македонија, за каква што се определија најголемиот број граѓани на референдумот во 1991 година. М.М.