Централниот одбор на ДУИ го овласти партискиот претседател, Али Ахмети, да преговара со сите политички партии од двата блока, освен со тие што се против евроатлантскиот курс, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи по завршувањето на состанокот во Тетово.
– Едногласно Централниот одбор го овласти претседателот Ахмети да продолжи да разговара со сите политички партии, како важен и одлучувачки фактор по парламентарните и локалните избори, а со цел да се задржи прогресивниот пат и евроатланскиот курс на државата.
Овластувањето се однесува на разговори со политичките партии со двата блока, освен оние кои директно се против евроатланскиот курс и против стратешките интереси на граѓаните и на државата. Со тоа овластување кое го има од Централниот одбор, Ахмети продолжува да разговара со претставниците на другите партии со цел да се одржи политичката стабилност – изјави Бујар Османи.
Како што додаде Османи, целта на преговорите е државата да оди напред, на патот кон реформите и во блиска консулатација со стратешките партнери.