Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во партиите во тек се процедури за номинација и селекција на кандидатите за градоначалници за локалните избори наесен. Станува ли збор за внатрешна демократизација на партиите или тие и понатаму не можат да се ослободат од синдромот на султан-партии, каде што лидерите однапред ги избираат и ги знаат имињата на кандидатите, а ваквите процедури и постапки се само глумење демократија пред јавноста

СЕ КРОЈАТ СПИСОЦИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ

Додека се чека партиите да ги официјализираат своите кандидати за градоначалници и советници на претстојните локални избори наесен, во јавноста и на социјалните мрежи изминативе денови веќе се обелоденуваат имињата на потенцијалните кандидати. Меѓу нив се и веќе актуелни градоначалници, но и нови лица што ќе учествуваат во изборната трка наесен. Интересно е што во случајот со кандидатурите се јавува своевидно двојство, односно едно најавува партијата, а друго најавуваат самите претенденти за градоначалничката фотелја. И тоа двојство во кандидатурите за одредени општини е својствено и за власта и за опозицијата, при што не се знае зад кој кандидат точно стои партијата, дали има разногласие и некоординираност во партиите околу кандидатите или можеби некои од актуелните градоначалници сами ги влечат потезите, без виза од партијата од која потекнуваат.
Иако официјални кандидатури сѐ уште не се објавуваат со образложение дека треба партиите да добијат потврда од партиското членство, се добива впечаток на длабоко внатрепартиско тактизирање, калкулации, па дури и раздор во единството на политичките субјекти.
Така, за прв човек на Општина Центар во моментов, според најавите во медиумите, атакуваат Емилијан Станковиќ, поранешен пратеник и портпарол на СДСМ, потоа актуелниот градоначалник Саша Богдановиќ, како и директорката на Инфективната клиника, Милена Стефановиќ. Во Аеродром во игра е актуелниот градоначалник од СДСМ, Златко Марин, но се споменува и името на неговиот сопартиец и поранешниот пратеник Александар Филиповски. Во Карпош конкурираат актуелниот Стефан Богоев и директорот на „Водовод и канализација“, Душко Весковски. За Прилеп најсериозни кандидати од СДСМ се Горан Сугаревски, кој ја напушти директорската функција во царината, и актуелниот градоначалник Илија Јовановски. Во Куманово, пак, поголем број членови на СДСМ очекуваат да бидат номинирани за партиски кандидати за градоначалник на Куманово, а досега кандидатура поднесоа актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, претседателката на Советот на Градот, Атина Мургашанска, и пратеникот Мартин Костовски.

Во редовите на ВМРО-ДПМНЕ засега кандидатура најави актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, но лидерот на партијата Христијан Мицковски неодамна изјави дека сѐ уште не е познато дали Јанчев ќе добие поддршка од органите на партијата. За Карпош исто така се вртат повеќе имиња, како можни кандидати меѓу кои и Стевчо Јакимовски, иако за оваа позиција атакува и Сашо Лазаревски, кој досега бил претседател на Советот на Општината од редовите на партијата.
Најголемата внатрепартиска битка кај кандидатите на ДУИ е за Чаир. Таму во моментов се води политичка битка за превласт меѓу крилото на Изет Меџити и она на Артан Груби, а истовремено реизбор најави и актуелниот градоначалник Висар Ганиу.
Имено, локалните избори се многу важен политички тест и за власта и за опозицијата и од резултатите од овие избори во многу нешта ќе зависи и натамошниот тек на политичките случувања во државата. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, неодамна објави дека ќе ги распише локалните избори на крајот на август или на почетокот на септември, а се тактизира со три можни датуми за одржување на изборите: 17, 24 или 31 октомври.
Во контекст на актуелните случувања, партиите различно ги коментираат процесите во однос на кандидатурите за претстојните локални избори наесен.
Кај владејачката СДСМ има голем интересот за локалните избори, а тоа го покажува и фактот што на партискиот конкурс се пријавиле над 560 кандидати за градоначалници и околу пет илјади кандидати за советници.

Од СДСМ велат дека внатрепартиската процедура е во тек.
– На 6. месецов заврши постапката за прифаќање на номинациите за кандидати за градоначалници и советници, викендов се спроведе најдемократскиот процес каде што се консултиравме се членството за градоначалници. Како што најавивме, првите имиња ќе ги соопштиме на 13 јули, а целата анализа, како и анкетите по овие случувања ќе завршат до крајот на август – велат оттаму.
Од владејачката партија подвлекуваат дека СДСМ секогаш го давала најдоброто, а така и ќе биде и на овие избори.
Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ исто така велат дека продолжуваат со изборот, додека кандидатите ќе ги објават на почетокот на септември.
– ВМРО-ДПМНЕ оди на избор на кандидати и програми што ќе одговорат на потребите на граѓаните. До средината на јули очекуваме да бидат дефинирани 30 имиња што ќе бидат најсериозни кандидати. Конечното објавување ќе биде во септември кога ќе биде свикан Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој во согласност со Статутот ќе го има последниот збор за кандидатурите – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ, пак, информираат дека во тек е анкетирање на потенцијалните кандидати.
– Во однос на кандидатите на ДУИ за претстојните локални избори, едно нешто е сигурно, а тоа е дека ќе победиме во сите општини каде што ќе се натпреваруваме. Во однос на имињата, јавноста ќе биде навремено известена зашто во тек е процес на интензивно анкетирање во сите општини и како секогаш најдобрите кандидати ќе бидат истакнати од страна на ДУИ – информираат од ДУИ.

Во меѓувреме, пак, политиколозите и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека во сите главни политички партии во државата очигледно владее слична клима на внатреполитичка криза, поради која, најверојатно, до последен рок сѐ уште не се познати главните адути на партиите за локалните избори.
Публицистот Агим Јонуз оценува дека станува збор за познатиот принцип на избор на тројца на тендер.
– Секогаш фаворитот се знае, но другите двајца се за конкуренција, кои за тоа добиваат некаква бенефиција, па макар едно мало колаче или трошките по свадбата. Демократијата не само што се глуми туку доживува крешендо и во овој момент мислам дека Шекспир може да завиди на сценариото што се случува во Македонија – вели Јонуз.
Тој објаснува дека дискредитираноста на кандидатите за градоначалници е доведена до апсурд, а многумина од градоначалничкиот сектор поради несработеното во минатиот мандат не заслужуваат да бидат примени ни во кафеана, а камоли да седнат во градските совети на кожните фотелји.
Универзитетскиот професор Оливер Андонов вели дека сето она што се случува во моментов во редовите на најголемите политички партии е изборен фолклор бидејќи сега партиите глумат демократија во Македонија и наводно имаат дилеми околу повеќе кандидати, кои ќе ја претставуваат партијата за едно изборно место на локалите избори.
– Кај нас практиката покажала дека кандидатите во партиите се избираат од страна на авторитарните партиски лидери и никако поинаку. Градоначалниците, како и пратениците се избираат единствено по зборот на „лидерот“ на партијата и по однос на неговата блискост со лицата, а не врз основа на нивната партиска или државна заслуга за одредена проблематика – вели професорот.


Не се мери учинокот на кандидатите?

Од нашата независност, па досега, објаснува професорот Андонов, ние во суштина сме немале можност вистински да истражиме на терен каков е еден објективен учинок на градоначалник во неговата општина.
– Партиите имаат увид врз актуелните состојби, благодарејќи на нивните внатрепартиски сондажи, но на пример нема објективно мерење од надворешна аналитичка куќа, како на пример котираат меѓу себе кандидатите во популарност во Скопје, на пример меѓу Петре Шилегов и Коце Трајановски – вели професорот.
Тој објаснува дека немањето пристап до вакви податоци, честопати ги става македонските партии во ситуација да згрешат во изборот на кандидатот, а сето тоа се покажува на изборите кога опонентот победува не бидејќи ривалската партија го стимулирала населението да гласа за нејзината опција туку бидејќи матичните гласачи одлучиле да опструираат и да не излезат да гласаат за сопствената партија.

[email protected]