Поранешна Југославија произведуваше врвни вакцини против многу опасни болести и ги извезуваше во целиот свет. Може ли земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да ја продолжат оваа традиција?
ЗНАЕЊЕ И КАПАЦИТЕТИ ИМА, НО…
Можно ли е фармацевтските компании во државите што потекнуваат од некогашната Југославија, меѓу кои е и Македонија, да започнат во иднина да произведуваат вакцини против ковид-19. Оваа дилема се наметнува во јавноста со оглед на фактот што поранешна Југославија во светот важеше за здравствена суперсила што за своите потреби, но и за оние за извоз на меѓународниот пазар произведувала голем број медицински продукти и лекови против редица опасни болести што му се заканувале на човештвото, како што сега е случајот со пандемијата на ковид-19.
Во своја анализа на оваа тема балканскиот сервис на „Ал џезеира“ истакнува дека сѐ почести се најавите дека одредени држави во регионот се обидуваат да ги оспособат домашните капацитети да почнат производство на вакцини.
„Ал џезеира“ информира дека Југославија поседувала неколку институти за оваа намена на својата територија што имале светско реноме, а првата ваква организација била формирана дури во 1893 година во Белград и во Загреб.
Претседателот на здружението на имунолози на Босна и Херцеговина, Јасенко Карамехиќ, смета дека она што сепак може да функционира во регионот е производството на вакцините од профилот на „Астра Зенека“ и „Спутник V“, кои се базираат на традиционалната метода за изготвување вакцина.
Драган Поповиќ, директорот на Институтот за јавно здравје во Белград, информира дека во државите постојат развиени медицински капацитети што можат да ги произведат вакцините што се неопходни во битката со пандемијата.
Претставникот на српската фармацевтска компанија „Галеника“, пак, информира дека фирмата засега не планира да произведува вакцини, но активно размислува на оваа област.
Од македонска перспектива на настаните, познавачи на околностите во здравството и фармацијата со кои се консултиравме велат дека нашата земја барем теоретски би можела да се вклучи во овој процес, но тоа засега сѐ уште не е ни тема во јавната полемика.
Микробиологот д-р Никола Пановски вели дека теоретски постои можност да се произведуваат вакцините во Македонија, но тоа, барем засега, односно годинава, би било неблагодарно да се инсистира од јавноста.
– Нашите големи фармацевтски компании најверојатно имаат потенцијал и знаење како да го истуркаат процесот, но за него во овој момент се неопходни огромни финансии, па во овој правец ни поголемите фармацевти од нашите сѐ уште не успеале во намерата. Во поранешна Југославија ние имавме два огромни центри за оваа намена: Торлак и Имунолошкиот завод во Загреб. Тие беа главните производители на вакцини за целото милионско население на поранешната земја, а другите производители од оваа индустрија произведуваа само лекови. По независноста, Македонија отсекогаш набавуваше вакцини од странство, бидејќи немаше економска логика да ги произведува во својата земја. Јас верувам дека наредната година состојбите на ова поле ќе бидат многу појасни и тогаш навистина ќе може да се даде попрецизен одговор на овие дилеми – вели докторот.
Тој лично смета дека светските компании во скоро време ќе го презаситат пазарот со овие вакцини и за една година отсега цената на сите вакцини ќе биде околу еден долар, а оние за потребите на нашите граѓани ќе може многу поволно да се набават од глобалните фирми, доколку на ова поле не бидат активни и домашните компании.
Доктор Мартин Јовановски, поранешниот преставник за неколку фармацевтски светски компании за Македонија, смета дека шансите за овој производствен процес на имунолошки средства во Македонија и регионот се навистина мали.
– Разликите во работните етики и практики помеѓу традиционално капиталистичките земји и Македонија, следени од егзодусот на способен кадар, како и долгогодишната деградација на квалитетното образование од оваа област ги доведе државата и регионот во ситуација каде што е практично невозможно да се биде конкурентен на светскиот пазар кога станува збор за нови технологии, како што се вакцините против ковид-19 и особено оние на компаниите „Фајзер“ и „Модерна“ – вели Јовановски.
Тој вели дека е сигурен дека доколку се направи акциски план, се инвестираат доволно пари и време во вистинскиот персонал, би можеле да направиме вакцина со аденовирус сличен на руската „Спутник“. Но сето тоа, според Јовановски, би чинело многу и за тоа би бил потребен подолг период. Дополнително, додава тој, пазарот не би бил поволен за овој македонски продукт бидејќи не би можеле да се носиме со цените на сличните вакцини што веќе би биле пуштени во употреба, заклучува докторот.