За вакцината против ковид-19 се обезбедени 6,7 милиони евра
За набавка на вакцини против ковид-19 во буџетот се планирани 390 милиони денари, односно 6,7 милиони евра, а за лекот „ремдесивер“ 67,5 милиони денари, соопштија во дебата на МТВ премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Од кредитот со Светска банка 90 милиони се предвидени и за вакцина, а на годишните средби исто така кажаа дека дополнително ќе ѝ дадат на државата само за вакцина. Значи, има обезбедени средства и доколку се покаже потреба за повеќе, но засега има доволно средства предвидени за вакцини – рече Бесими.
Заев кажа дека нашата проекција е 800 илјади вакцини, посочувајќи и на цени од некои производители – 10,47 евра за вакцина, односно за двете дози 21 евро. Македонија е во Ковакс-системот преку кој се резервирани вакцините, а Заев информира дека авансот ќе го платиме веројатно на почетокот на декември, а во 2021 г. и 390-те милиони денари или 6,7 милиони евра.
– Ако има потреба за повеќе, ќе обезбедиме дополнително плус пари – рече Заев.
Тој додаде дека Владата на Грција нарачала вакцини и за Македонија и за Албанија и дека во разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во петокот било соопштено дека комисијата донела одлука покрај за земјите-членки на Унијата, вакцината да биде набавена и за шесте земји од Западен Балкан.
Брзи тестови за коронавирусот од денеска во пет града
Во пет здравствени институции во државата од денеска се вршат тестирање за коронавирус со брзи антигенски тестови. Тестирања се вршат во здравствените домови во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица и во општата болница во Кичево. Лаборанти од овие установи мината недела беа на обука во Скопје, а во текот на неделата ќе продолжат обуките на лаборанти од други градови низ државата за во најкраток можен рок брзите тестови да им бидат на располагање на матичните лекари на територијата на целата држава.
Брз тест може да закаже единствено матичен лекар, и тоа ако пациентот го исполнува алгоритамот, односно има симптоми на ковид-19, не повеќе од пет дена. Алгоритамот за брзо тестирање е од Светската здравствена организација, а матичниот лекар по земената анамнеза на пациентот одлучува дали ќе се тестира со ПЦР-тест или со антигенски брз тест.
Изминатава недела на шесте пункта во поликлиниките во Чаир, Ченто, Ѓорче Петров, Бит-пазар, Млин Балкан и Јане Сандански, се направени 1.138 теста, од кои 398 биле ковид-позитивни.
Нема нови препораки и мерки од КЗБ
Комисијата за заразни болести вчера одржа состанок на кој не се предложени нови рестриктивни мерки за заштита од ковид-19.
Останува апелот да се почитуваат мерките што се во сила, како што се забрана за работа на угостителските објекти по 21 часот, за групирање повеќе од четири лица во текот на 24 часа, како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори.