Архитектите со кои се консултиравме велат дека проблемот со бесправното градење во земјава предолго е присутен, а за тоа, според нив, вината треба да се бара во нефункционалните институции и во широко раширената корупција
Фантомски објекти никнуваат насекаде
Дали државата свесно замижува пред напливот на дивоградби низ градовите или во заштитените подрачја, постојано префрлајќи ја одговорноста од една на друга институција и на тој начин штитејќи ги интересите на поединци или на групи блиски до одредени политички структури.
Најсвеж пример е дивоградбата кај „Мавровка“, објект што се гради во центарот на Скопје, а за кој локалната власт не знае кој е инвеститор, иако пред очите на целиот град секојдневно се гледаат миксери со бетон, пумпи, работници…
Пред извесно време сличен настан се случи и на Матка, каде што во заштитено подрачје прекуноќ никна дива платформа за која повторно никој не знаеше чија е, надлежните со месеци си ја префрлаа одговорноста, за на крајот објектот да продолжи да си функционира како ништо да не е спорно.
Ваквиот однос низ годините најмногу дојде до израз во Охрид и во Струга, каде што објекти никнуваа буквално во езерото, но и во старото градско јадро, сериозно нарушувајќи го автентичниот изглед на градот и уништувајќи го езерскиот биодиверзитет.
Реагираше и УНЕСКО, кој на државата ѝ даде рок да преземе мерки и да ги спречи урбаното дивеење и уништувањето на Охрид, оставајќи ја отворена можноста градот да се најде на листата на загрозено светско наследство.
По притисокот на јавноста, локалната власт најави попис на сите дивоградби, но освен пописот што ретко кој го виде и малото козметичко уривање на неколку потпорни ѕитчиња во пресрет на изборите, суштинска акција нема.
Уште позагрижувачка е состојбата во Струга, каде што се гради буквално на секој слободен простор, а изјавата на струшкиот градоначалник дека нема да дозволи уривање на дивоградбите само дополнително ги охрабри прекршителите на законот.
– Ова што се случува во нашата држава со бесправното градење е надвор од секаква логика. Па не може среде центар да ти никнува сериозен објект, а одговорните да не знаат кој гради. Јас пред две години подѕидав бетонска ограда висока еден метар, дојде инспекција и ми нареди да ја рушам или во спротивно тие ќе и ја рушеле и ќе ми наплателе за тоа. Па нели сме сите еднакви пред законот? Мене оградата ми ја срушија, а некому му дозволуваат цели згради да гради и да узурпира државно земјиште – вели Иван К. од Скопје.
Според него, зад урбаното дивеење се кријат лица блиски до одредени политички структури.
– Да не се лажеме, не може во строг центар да почнеш да градиш ако немаш нечиј грб. Објектот што се гради пред „Мавровка“ треба да биде заграден, да има табла и на неа да пишува број на одобрение за градење, кој го издал, на кој датум, кој е инвеститорот. Законот убаво го регулирал тоа, но очигледно законите во оваа држава важат само за обичните смртници – револтирано вели Иван.
Во најголем дел дозволите за градба на вакви објекти ги издава локалната власт на чија територија се наоѓа градежната парцела, но токму локалните власти се тие што на некој начин „замижуваат“ пред урбаното дивеење и го дозволуваат.
За таквиот нивен однос, конкретно за случајот со дивоградбата кај „Мавровка“, сведочи и директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам Локман Љимани.
– Надлежни се од Општина Чаир да постапат, но поради тоа што Општината не постапувала и за случајот молчи, ние како Државен инспекторат за градежништво и урбанизам постапивме законски и на 13 јули бевме во контрола во Општина Чаир. Таму како и секогаш нема ниту еден надлежен за соработка или да нè упати или да добиеме најмалку одговор и сите молчат – вели Љимани.
Архитектите со кои се консултиравме велат дека проблемот со бесправното градење во земјава предолго е присутен, а за тоа, според нив, вината треба да се бара во нефункционалните институции и во широко раширената корупција.
– Има премногу присутна корупција во институциите. Се замижува пред нелегалното градење бидејќи некој некаде „подмачкал“. Проблемот со бесправната градба треба да се решава таму каде што настанува, но и во институциите чија обврска е да ги надгледуваат и спречуваат појавите на бесправна градба, особено во заштитените подрачја. Таков е случајот во Охрид и во Струга, но не заостанува и Скопје. Тоа може да го направат со носење урбанистички планови, кои не би можеле да се менуваат поради желбата на поединци за остварување личен профит. Исто така, треба да се воспостави и инструмент за спроведување на донесените урбанистички планови, да се поедностават процедурите за добивање градежни дозволи и постојано да се следат состојбите на терен, за да се спречи бесправната градба уште во зачеток – велат архитектите.