Фото: Маја Јаневска-Илиева

Контроверзии и на глобално ниво за образовниот процес и пандемијата

Продолжуваат контроверзиите на глобално ниво за пандемијата на корона-кризата, потеклото, справувањето со неа, но и последиците што може да се очекуваат. Иако сѐ уште расте бројот на заразени со коронавирусот во светот, сепак дали треба да се очекува да се повтори сценариото од почетокот на годинава, кога многу земји прогласија „заклучување“?!
Нашите здравствени експерти многупати досега предупредуваа дека ако се отворат градинките и училиштата наесен, како што и се планира, голема е веројатноста да се случи трансмисија на вирусот и повторно да се вратат во сила мерките што ги имавме во првите месеци од почетокот на пандемијата.

Дали заклучувањето направи повеќе штета отколку добро

Според последните согледувања, ќе се дејствува локално и поефикасно врз тековните жаришта. Големото затворање на економските и социјалните активности на национално ниво го попречи ширењето на вирусот, но, од друга страна, економијата не би можела повторно да го поднесе тоа.
Еминентниот европски експерт што беше поборник за „заклучувањето“, Марк Вулхаус, професор по епидемиологија при Универзитетот во Единбург и советник на британската влада за пандемија од коронавирусот, денес вели дека заклучувањето направило повеќе штета отколку добро.
Според него, тоа била „мерка во паника“ и единствената опција во тоа време, бидејќи професијата не знаела за друго подобро решение.
– Тоа беа привремени мерки, со кои едноставно беше одложуван стадиумот на епидемијата што го гледаме сега. Од самиот почеток е јасно дека откако ќе почне олеснувањето на мерките, ќе почне и новото ширење на вирусот кај населението. Мислам дека времето ќе покаже дека нашиот обид за контрола на ковид-19 преку заклучување беше монументална глобална грешка, лек што е полош од болеста. Апсолутно никогаш не треба да се вратиме во позиција каде што децата не можат да си играат или да одат на училиште – изјави професорот Марк Вулхаус за јавноста, додавајќи притоа дека доказите покажуваат оти децата многу ретко ја пренесуваат болеста на возрасните.

Сега е најбитно да се усвојат правила за соживот со коронавирусот

Вулхаус тврди дека последиците од заклучувањето и карантинот врз образованието, здравството и економијата ќе се покажат како штетни исто како и самата болест ковид-19.
Според него, проблемот е што не е пронајдена квалитетна алтернатива на карантинот и мерките за заклучување во текот на сите овие месеци. Тој смета дека во моментов луѓето повеќе се погодени од колатералните ефекти на заклучувањето отколку од самата болест.
– Оние на кои им е потребно, треба да бидат заштитени, а на сите други треба да им се дозволи да живеат послободно – објаснува Вулхаус.
Кога станува збор за соживот со вирусот, односно борбата против инфекцијата, наведува неколку мерки што би требало да бидат ефикасни. Прво треба да се фокусираме на местата каде што ризикот е најголем, како што се домовите за стари лица, и да ја заштитиме постарата популација.
– Училиштата дефинитивно треба да се отворат, но имајте предвид дека многу брзо и таму ќе има нови жаришта. Во овој случај не треба да се крева паника, туку со ладна глава да се преземат мерки што ќе ги смират овие жаришта – додаде тој.

Тестирањата – долгорочно решение

Како единствено долгорочно решение тој ги смета тестовите, кои веќе се покажаа како ефикасни во светот на спортот. Со ваквите тестови, барем делумно, би требало да се реши и еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат епидемиолозите, имено асимптоматските преносители на вируси, од кои повеќето се помлади лица. Тој исто така размислува и за тестирање во училиштата, со што би се зголемиле безбедноста и довербата во враќањето на учениците на клупите.
– Тестирањето треба да се примени особено врз здравствените работници, кај вработените во пензионерските домови, како и кај наставниците во училиштата и на факултетите. Тоа би било многу скапо, но крајната цена ќе биде многу поголема ако не се почне со масовно тестирање, бидејќи без тоа животот не може да се врати во релативно нормална состојба – убеден е тој.

Какви се состојбите во Македонија

Во нашата држава здравствените власти засега не планираат да има тестирање на сите што се дел од образовниот процес. Наставата ќе почне онлајн, но и со физичко присуство за оние деца од прво до трето одделение чии родители ќе се изјаснат дека сакаат нивните деца да одат на училиште. Ако има дете што е позитивно на ковид-19, епидемиолог ќе направи процена дали и кој ќе оди во карантин и кои следни чекори ќе се преземат.
Кога се работи за наставата во услови на ковид-19, прашањето во однос на квалитетот е многу комплицирана тема, смета проф. д-р Кирил Барбареев, универзитетски професор на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
– Нашето министерство за образование и наука самото се доведе во оваа ситуација. Ние имаме над половина милион граѓани што се дел од образовниот систем, односно имаме 300.000 ученици, 4.000 универзитетски професори, 30.000 наставници и уште толку деца вклучени во претшколските установи. Низ месециве се загуби довербата во целиот систем, бидејќи сега се промовира најлошата варијанта, а тоа е префрлање на топката кај родителите, кои сами треба да одлучат дали детето ќе им оди на училиште. Тоа е најлош случај, кога системот ја префрла одговорноста кај родителите. Министерството требаше порано да формира сериозно стручно експертско тело, како што направија други држави, бидејќи приоритетно прашање е образованието. Но тоа не се препознава како клучно подрачје – смета проф. Барбареев.
Според него, ние како систем сме далеку од онлајн концептот.
– Сето тоа бара инфраструктура, бара тим, бара кадар. Ние имаме анахрони состојби, кои се поразителни. Ние имаме кабинет по информатика што е многу послабо опремен од она што го имаат децата дома како уреди. Предупредивме навреме за сето ова, но образованието беше ставено на маргините – вели професорот.

Дали да се размислува за т.н. „фудбалски принцип“ и во образованието

Професорот Вулхаус го истакна примерот на англиската фудбалска лига, во која беа спроведени околу 40 илјади теста, кои се покажаа како успешни, па смета дека истиот принцип треба да се примени и во образованието и во бизнисот. Но, од друга страна, Германија планира да го укине задолжителното тестирање на ковид-19 за патниците што се враќаат од областите со висок ризик и да ја пренасочи својата стратегија кон заштита на болниците и пензионерските домови. Сојузниот министер за здравство Јенс Спан и регионалните министри за здравство се согласија дека бесплатните тестови за патниците што се враќаат од странство ќе бидат укинати кон средината на септември, по што стратегијата за тестирање на земјата треба повеќе да се фокусира на секторот за грижа и на болниците.


Средношколците сакаат да одат на училиште

Средношколскиот сојуз вчера организира протест пред Министерството за образование и наука. Тие побараа учебната година на 1 октомври да почне веднаш со комбиниран модел на настава, а не онлајн во општините што немаат многу заразени со коронавирусот. Исто така се бара наставата да почне со комбиниран модел, односно со ротирање на средношколците во класовите на секои два дена, што ќе значи следење на наставата онлајн и со физичко присуство. Бараат пристапот да не биде централизиран, туку секоја општина да организира модел според епидемиолошката состојба односно број на заразени.