Пратеникот на ДУИ Артан Груби даде поддршка на Владата и на изборот на новите министри, но од собраниската седница исто така ја повика опозицијата да ја даде својата поддршка и да се приклучи во реформите и во решавањето на спорот со името.
По изборот, според Груби, оваа Влада настапила храбро и успеала да ја врати довербата на граѓаните во институциите, што е најголема нејзина придобивка.
– Оваа Влада ја заврши политичката криза во Македонија. Веста во Извештајот на ЕК не беше позитивната препорака, туку завршувањето на политичката криза, рече пратеникот на ДУИ.
За него успех е и носењето на Законот за јазиците со што се заокружил Охридскиот рамковен договор.
– Се надевам дека на тој успех ќе се приклучи и претседателот Ѓорге Иванов и ќе стави потпис на законот, рече Груби.
Дел од реформите се постигнати со опозицијата, вели тој, а власта и опозицијата требаше заедно да го поддржат и договорот со Бугарија, која сега е најголем поддржувач на Македонија, а тоа сега може и да стане и Грција.
Груби повика на коалиција на сите партии вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ во поддршка на реформите и решавање на најтешките прашања.
– Ве канам да бидете дел од реформите и од решавањето на спорот со името, рече од говорницата пратеникот на ДУИ, кој сака да ја види Македонија целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ изразувајќи надеж дека тоа ќе биде новото лице на ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе завршат поделбите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, на ДУИ и ДПА, на Македонци и на Албанци…
Како опозиција наша должност, кажа пратеникот од опозицијата Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, е да укажуваме и да критикуваме.
Ако веќе пратениците и членовите на Владата слободно се критикуваат, како што рече Груби, зошто тогаш, праша Илиоски, министрите што денеска поднесоа оставки не дојдоа пред пратениците да ги образложат.
– Тоа е отчетност и транспаретност. Треба да ги решавате проблемите. Владеете една година, треба да испорачате резултати, рече Илиоски.
Горан Манојловски од ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи му на Груби, побара тој да ги осуди изливите на омраза искажани на натпреварот во Тетово, а исто така се надева дека ќе биде преиспитана програмата за култура, која беше многу критикувана.
Груби ги осуди изливите на омраза, но исто така изрази задоволство што, сепак, има конструктивна дебата во Парламентот.
Собраниската расправа за изборот на нови министри и заменици во Владата ќе продолжи по 15:00 часот.
На седницата пратениците најнапред ги констатираа оставките на министрите, потоа изгласаа распишување оглас за членови на ДИК, и го започнаа претресот за избор на министри.
Премиерот Зоран Заев во своето експозе истакна дека Македонија е на вистинскиот пат, се движи во добра насока и оти во тоа ќе бидат уверени сите граѓани знаејќи дека ни претстојат сериозни реформски активности и реализација на големи одлуки од пресудно значење за земјата.
За нова министерка за правда се предлага Рената Дескоска, за министер за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми за култура и за министер без ресор Бардил Даути. Министрите треба да бидат изгласани до полноќ.
За заменик министер за надворешни работи е предложен Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за транспорт и врски Садик Беќири.