Наставата во новата академска година, која треба да започне од 1 односно од 15 октомври, неизвесно е дали ќе се одвива онлајн, како во изминатите месеци, или пак студeнтите ќе ги следат предавањата со физичко присуство. Можно е наставата да се одвива и комбинирано.
Како што вели ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, сѐ ќе зависи од епидемиолошката слика во периодот пред почетокот на наставата.
Од почетокот на епидемијата и откако факултетите беа затворени, предавањата продолжија да се одвиваат онлајн. На истиот начин се одржаа и испитите во јунската испитна сесија, преку платформи што овозможија студентите да полагаат.
Проф. д-р Иван Чорбев, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, вели дека овој факултет е подготвен и новата академска година да ја започне онлајн.
– Во текот на семестарот развивме некои системи, а во меѓувреме ги тестиравме и испитите. Истите тие ги реализиравме успешно и можам да кажам дека генерално сме подготвени есенва да ја почнеме онлајн академската година, со новите искуства што ги стекнавме во јунската испитна сесија. Со „Мајкрософт“ имавме соработка за да се етаблира „Тимс“, односно да може да функционира на сите факултети на УКИМ, за да имаат воедначена платформа за телеконференции, за да не биде различно за секој факултет. „Биг блу батн“ е опен сорс компонента за телеконференција, која ја користи само ФИНКИ, која исто така е од голема корист – вели деканот Чорбев.
Во однос на испитите, тој вели дека било мачно нивното одржување, но професорите се труделе да бидат коректни во целиот процес. Додека студентите полагале онлајн, биле под видеонадзор, за да се избегне препишување или мамење и за да биде транспарентен и објективен целиот процес на оценување.
Од почетокот на епидемијата, односно од средината на март, универзитетите во Македонија почнаа да се самоорганизираат за да можат студентите редовно да ги следат предавањата од дома. Како што информира ректорот Јанкуловски, уписите на нови студенти за академската 2020/2021 година ќе се одржат на 30 август и на 1 септември, а пријавувањето и поднесувањето на документите овој пат ќе биде различно поради корона-кризата. Кандидатите, наместо со физичко присуство, ќе треба да ги скенираат документите и да ги ставаат електронски во систем. ФИНКИ е задолжен да го подобри системот, за да не се случи да кочи или да се блокира во деновите кога кандидатите ќе ставаат документи во базата.
За разлика откај нас, во соседна Србија, пак, пријавувањето за упис на факултет ќе се одвива со физичко присуство. Во објавените конкурси на некои факултети е нагласено дека кандидатите треба да се придржуваат на препораките на здравствените и другите надлежни органи во врска со превенцијата од ширење на ковид-19, кои се однесуваат на задолжително носење маски и држење соодветна физичка дистанца.