Високите цени на патарините сè повеќе ќе ги одвраќаат граѓаните од автопатиштата и ќе ги враќаат на локалните патишта, кои и претходно беа посочувани како ризични по безбедноста во сообраќајот
Никнуваат нови патарини на македонските патишта
Нови патарини почнаа да никнуваат по должината на македонските патишта, со што патувањето низ земјава од оваа есен ќе стане уште поскапо за голем број граѓани, кои се жалат дека ако продолжи овој тренд на покачување на цените на патарините и додавањето нови патарини, за нив возењето по автопат ќе стане луксуз.
Имено, во тек е изградбата на две нови патарини на новиот автопат Миладиновци – Штип, што одново ќе го оптовари буџетот на граѓаните што патуваат во источниот дел од земјата.
Едната патарина се гради кај Преод, додека другата кај Кадрифаково, така што се очекува тие да бидат готови до октомври оваа година. Според најавите, новата патарина кај Преод ќе чини 70 денари во правец, додека другата кај Кадрифаково 50 денари во правец, со што заедно со патарината кај Миладиновци, која чини 40 денари, цената за патување од Скопје кон Штип и обратно ќе изнесува 320 денари.
Уште поскапо е патувањето кон југот на земјата, каде што релацијата од Скопје до Гевгелија и назад чини 720 денари. До Куманово патарините чинат 200 денари во два правца, а 280 денари исто во двата правца чини и патувањето од Скопје до Гостивар.
Овие цени се однесуваат само на семејните автомобили, додека наплатата за комбиња, камиони и други поголеми возила е драстично поскапа.
Граѓаните во повеќе наврати упатуваат апели до редакцијата за отворање на оваа тема, жалејќи се дека во услови кога народот е со сè поплиток џеб, државата треба да поведе повеќе сметка и да ги усогласи цените според стандардот на луѓето, но истовремено реагираат и на лошата состојба на дел од автопатските делници.
– Не велам дека не треба да се плаќаат патарини, но цените треба да бидат пониски. Ние немаме толкави плати да ги плаќаме и постојните патарини, а не, пак, да се додаваат и нови. Вака не ни преостанува ништо друго туку да се вратиме на старите регионални патишта, па кој има пари, нека се вози по автопат – вели Димче Крстев, приватен превозник.
Според него, високите цени на патарините сè повеќе ќе ги одвраќаат граѓаните од автопатиштата и ќе ги враќа на локалните патишта, кои и претходно беа посочувани како ризични по безбедноста во сообраќајот.
– Цените се високи, а на некои делници квалитетот на автопатот е далеку од добар. Асфалтот е уништен, има многу нерамнини, ударни дупки, дел од заштитните мрежи е искинат, така што се случува на коловозот да се појават и кучиња скитници – предупредува Крстев.
Познавачите на сообраќајните состојби се согласуваат дека цените на патарините се високи, а квалитетот на дел од автопатиштата во земјава е под нивото што оваа категорија на пат треба да го има.
– Несомнено, високите цени на патарините и ќе ги принудат граѓаните повторно да се вратат на оние регионални и небезбедни патишта. Тоа, во секој случај, ќе влијае и врз безбедноста во сообраќајот – вели Борис Мургоски, професор на Факултетот за безбедност.
Тој додава дека е нормална реакцијата на граѓаните за високите цени на патарините.
– Во старт се прават одредени пропусти, кои подоцна се мултиплицираат и кога тоа ќе им стане проблем на луѓето, тогаш реагираат. Така е и сега. Потребна е континуирана работа и следење на состојбите на патиштата, преземање мерки, одржување на патиштата, сè мора да е на висина – истакнува Мургоски.
Според него, станува збор за економско-сообраќајни политики во кои се нема осет за граѓаните.
„Нова Македонија“ се обиде да добие одговор од Јавното претпријатие за државни патишта за висината на цената на патарините, но до затворањето на ова издание на весникот оттаму не одговорија на поставените прашања. Во очекување на одговорите на прашањата, темата како таква ќе биде актуелна во весникот и во наредниот период, бидејќи граѓаните се во очекување институциите да се изјаснат и да ги расчистат дилемите што се од јавен интерес.