Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ не го признава резултатот од референдумот зашто го смета за груб фалсификат, а утре ќе поднесе кривична пријава до Јавното обвинитество против повеќе од 200 лица, претседатели, членови и нивни заменици на избирачки одбори во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај.
Како што соопшти потретседателот на партијата Алкесандар Николовски по седницата на Централниот комитет, на сите овие лица на товар им се стават шест кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластувања, несовесно работење во службата, злоупотреба на избирачко право, изборна измама, фалсификување и уништување деловни книги и повреда на тајноста на гласањето.
Според него сите овие дела ги видела целата јавност, но не и јавниот обвинител и нагласи дека од таа причина бараат разрешување на јавиниот обвинител на предлог на опизицијата, кој, како што рече „треба да се позанимава со разгледување на сите нерегуларности на тој ден“.
Тој обвини дека за време и по референдумот се вршени притисоци. Како што рече, над 50.000 гласови биле злоупотребени во текот на референдумот, а и грубо биле полнети кутии. – Голем број граѓани кои не излегоа или излегоа и гласаа „против“ се преместени од своите работни места или се избркани од приватни компании, изјави Николовски.
ЦК на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги потврди заклучоците, што вчера ги донесе ИК – разрешување на јавниот обвинител, формирање собраниска анкетна комисија, која треба да ги истражи сите нерегуларности и да ги процесира до соодветните органи и почитување на Законот за Влада, со цел доколку има избори да се формира влада по Пржински модел.
Според него, на вечерашната седница не станало збор за кадровски прашања.
Во врска со шпекулациите дека некои од пратениците веќе потпишале дека нема да гласаат за уставни измени рече дека во овој момент нема таква активност.
– Ставот на пратеничката група останува ист како и пред референдумот – пратеничката група ќе ја следи волјата на граѓаните, а тоа е дека референдумот пропаднал- рече тој.
Во врска со евентуални предвремени избори, Николовски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот за формирање влада по пржинскиот модел со мандат од 100 дена, а бара и формирање општински изборни штабови што ќе функционираат до завршување на претседатлските избори.
Николовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не води битка за власт и за избори, туку за зачувување на името на Македонија.
– Среќни сме со резултатот од референдумот со кој уставното име е зачувано. Ги повикуваме граѓаните да се обединат за заштита на државните интереси и за ставање крај на последните политичари од транзицијата кои ја водат Македонија назад-истакна Николовски.