Собранието на Република Македонија на денешната 75-та седница го верифицираше мандатот на пратеникот Рубин Земон.
Од вкупно 97 присутни пратеници во собраниската сала „за“ верифицирање на мандатот на Земон гласаа 78 пратеници, со што извештајот и предлогот на Комисијата за деловнилчки и мандантно-имунитетни прашања беше усвоен.
Рубин Земон доаѓа на местото на досегашниот координатор на пратеничката груипа на СДСМ, Томислав Тунтев, кој беше именуван за генерален директор на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба.
Собранието на денешната седница ги усвои и Предлог на одлука за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“, во Исламската Република Авганистан и Предлог на одлука за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“, во Исламската Република Авганистан.
Седницата за уставните измени, на која пратениците ќе ги утврдуваат предлог–амандманите на Уставот на Република Македонија (по што следува нивно донесување па прогласување), почна со усвојување на дневниот ред.
Вкупно 78 пратеници гласаа „за“ дневниот ред, што претходно го прочита претседателот на Собранието Талат Џафери.
За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом.