Додека продолжува пандемијата на ковид-19, а улогата на шпиц корона-играч ја презема делта-сојот, првите инфекции предизвикани од новиот сој ламбда се појавија во САД, во државата Тексас, каде што болницата во Хјустон минатиот месец го пријави својот прв случај
Делта-сојот е „варијанта за загриженост“, а ламбда-сојот е означен како „варијанта за внимание“
Со помош на геномско секвенционирање, во САД досега се идентификувани 1.060 случаи на ковид-19 предизвикани од сојот ламбда. Иако овие бројки засега се далеку од оние на сојот делта, кој е застапен кај 83 отсто од новите случаи на коронавирус, експертите за заразни болести изјавија дека варијантата ламбда е онаа што сега внимателно ја следат.
Варијантата ламбда првпат беше идентификувана во декември минатата година, во Перу. Светската здравствена организација го означи сојот делта како „варијанта за загриженост“, а ламбдата е означена за еден степен пониско, како „варијанта за внимание“.
– Мислам дека секојпат кога ќе се идентификува нова варијанта што покажува способност за брзо ширење кај населението, мора да бидете загрижени. Секојдневно се појавуваат нови варијанти, доколку варијантата може да се дефинира како нова мутација. Прашање е дали овие мутации му даваат на вирусот некаков вид предност, која би одела на штета на луѓето. Одговорот кога зборуваме за ламбда е „да“ – изјави д-р Грегори Поланд, професор по медицина и директор на групата за истражување вакцини на клиниката „Мејо“ во Рочестер, Минесота, пренесува Си-ен-ен.
Што знаеме за ламбда-сојот на коронавирусот
Останаа уште многу работи што треба да се научат кога станува збор за ламбда-сојот. Оваа варијанта не е ниту приближно толку загрижувачка како варијантата делта, која предизвика голем пораст на случаите во светот, но раните студии укажуваат на фактот дека ламбда има мутации што ја прават полесно пренослива од изворниот сој на ковид-19.
Ламбда има загрижувачки мутации, но оваа варијанта останува доста ретка во САД, и покрај тоа што е присутна веќе неколку месеци. Тешко е да се знае со сигурност колку е пренослива варијантата ламбда и колку добро функционираат вакцините во однос на неа. Досега се чини дека ламбда е повеќе пренослива од оригиналниот коронавирус, кој е сличен на делта и на другите варијанти. Сепак, за среќа, студиите укажуваат дека достапните вакцини обезбедуваат добра заштита. За време на пандемијата научивме дека работите може брзо да се променат, па, така, контролата на ширењето на ковид-19 ќе помогне и во справувањето со варијантата ламбда. Сè додека постои неконтролирано ширење на коронавирусот, во иднината ќе гледаме уште нови варијанти. Единствен излез е широкораспространета вакцинација за контрола на ширењето на вирусот и спречување на други мутации – напиша Прети Малани, главен здравствен службеник во Одделот за заразни болести на универзитетот „Мичиген“ во Ен Арбор.
Досега излегоа различни податоци за тоа колку добро вакцините штитат од варијантата ламбда, а научниците велат дека сето тоа мора дополнително да се истражи. Во јули истражувачите напишаа дека пронашле некои докази што укажуваат на тоа дека луѓето што ја примиле вакцината „Џонсон и Џонсон“ веројатно би имале корист од засилена доза, која би можела да ги заштити од новите варијанти на ковид-19, вклучувајќи го и сојот ламбда.
Во истражувањето, варијантите бета, делта, делта плус и ламбда покажале скромна отпорност на антителата што ги имаат вакцините „Фајзер“ и „Модерна“, што укажува на тоа дека вакцините и понатаму функционираат.
Од друга страна, лабораториските експерименти покажаа дека три мутации, пронајдени во клинестиот протеин на варијантата ламбда, може да бидат отпорни на имунитетот предизвикан по пат на вакцинирање, но, сепак, се истакнува дека ќе бидат неопходни повеќе истражувања.
Двете дополнителни мутации помагаат ламбда да стане исклучително заразна. Во моментов, СЗО ја означува ламбда како „варијанта за внимание“. Сè уште не знаеме дали оваа варијанта е позагрижувачка од делта. Потребно е да се спроведат опсежни студии со геномско секвенционирање, врз чија основа би се проценило влијанието на варијантата ламбда врз вакцините – објави фармацевтката и епидемиолог д-р Равина Кулар, која работи како експертка во Американското здружение за заразни болести.
Додека не се намали вкупната бројка на случаи на ковид-19, најдобар начин да се спречи појавата на нови варијанти е комплетна вакцинација на населението, апстиненција од патувања во странство и следење на строгите мерки за превенција од инфекција, вклучувајќи и носење маски и физичка дистанца од другите.
Играње „руски рулет“
Вакцините се од витално значење за потиснување на новите соеви на коронавирусот, како ламбда, кои би можеле да останат ретки во САД, истакнуваат од СЗО. Оттука, д-р Поланд, професорот од клиниката „Мејо“, реши да испрати сериозно предупредување: Колку подолго луѓето не носат маски и остануваат невакцинирани, поголема е веројатноста во иднина да се појават нови варијанти, вклучувајќи ја и онаа што би била целосно отпорна на вакцини.
Со оглед на фактот дека ковид-19 продолжува да скока од човек на човек, со секоја нова инфекција тој постепено се менува, впрочем, како и секој вирус. Ваквите мутации може да бидат бенигни, но и да го направат вирусот полесно пренослив и поопасен. Поланд го користи терминот „руски рулет“ за да ја објасни ситуацијата кога на вирусот му се овозможува слободно ширење, без ублажувања какви што се носењето маски или вакцинацијата.
Ќе продолжиме да развиваме сè повеќе и повеќе варијанти и на крајот една или повеќе од нив ќе научат да го „избегнат“ имунитетот создаден преку вакцина. Доколку се случи тоа, ќе почнеме сè одново – изјави за јавноста професорот од клиниката „Мејо“, д-р Поланд.