Проблемот со мигрантите на Балканот повторно станува жешка тема, откога Грција информира дека корона-вирусот со голема брзина се шири во камповите каде што се сместени илјадниците мигранти во Грција. Американскиот магазин „Политико“ информира дека, наводно, Грција има своја стратегија за битката со заразата што се појавува меѓу бегалците, кои од Африка и од Блискиот Исток итаат во Европа.
– Владата во Грција изработи и спроведува стратегија да ја држи состојбата под контрола поврзана со вирусот и мигрантите – пишува „Политико“.
Во написот на весникот се истакнува дека новата грчка стратегија, која е објавена во очекување на есенскиот бран на пандемијата, подразбира редица дополнителни мерки за контрола на состојбите, како на пример најстрого и ограничено движење на мигрантите и азилантите што се затечени во камповите во земјата, натаму и за нив строго да важат задолжителните мерки за хигиена и задолжителните правила за дистанца.
Македонија со своја стратегија за заштита на мигрантите
Во контекст на актуелните случувања, за забележување е дека нашата држава, како Грција, има своја стратегија како да се справи со состојбите што ги наметнаа пандемијата на коронавирусот и заживувањето на бегалската маршрута низ Балканот.
Сузана Тунтева од Црвениот крст вели дека Македонија има свој широко опфатен систем за поддршка на мигрантите и бегалците, изработен од Владата, кој ги следи препораките на СЗО за луѓето што транзитираат низ нашата земја до нивните финални дестинации.
– Во правец на намалување на штетните последици по здравјето на бегалците, барателите за азил и мигрантите што минуваат низ нашата држава, постојат редица активности што се спроведуваат од страна на Црвениот крст, во тесна соработка со државните институции и здравствените власти – вели Тунтева.
Според неа, тимовите на Црвениот крст, кои се распоредени на нашите гранични премини, во прифатните центри, но и во центарот за азил спроведуваат голем број протоколи поврзани со пандемијата на ковид-19.
Таа вели дека во моментов подолг период има зголемена дистрибуција на хигиенски средства и заштитна медицинска опрема (маски и ракавици), а на луѓето што пристигнуваат во земјата, кои се сместени во центрите, им се делат летоци со неопходни содржини за заштита од болеста на арапски јазик и на јазикот урду.
– Дополнително, ним редовно им се мери температурата и доколку постојат сомненија за заболување, во соработка со Центарот за јавно здравје, ним им се вршат тестови за ковид. Доколку некој е заболен, веднаш се започнува со процес на лекување и се сместува во самоизолација во строго одредени простории, односно објекти, од каде што по оздравувањето се пушта нормално да функционира. Дополнително, битно е да се знае дека мигрантите, бегалците и барателите на азил во Македонија ги уживаат истите медицински заштити и права како и домашното население во државата – резимира Тунтева.
Како е во остатокот од регионот
Земјите од регионот имаат различен пристап за инклузивна заштита на бегалците и мигрантите.
Медиумите во Босна и Херцеговина информираат дека во моментов во земјата има околу 8.000 мигранти и бегалци, од кои нема место за 2.500 лица во прифатните центри во земјата и додаваат дека државата нема визија како да се справи со состојбите.
Босанскиот сервис на Гласот на Америка на темава информира дека околу 200 мигранти или бегалци досега биле заболени од вирусот, а во наредните месеци се очекува состојбата да се влоши.
Медиумот ги повикува властите во државата да ги подобрат здравствените услови во камповите и да ги прошират нивните капацитети за да можат безбедно да се згрижат заболените од ковид-19.
„Дојче веле“ на темава додава дека државните мерки на БиХ поврзани со заштитата на здравјето и на бегалците и мигрантите, но и на локалното население се засноваат во најголем дел на спроведување на правилата на СЗО и во забраната на граѓаните на земјата да се доближуваат до камповите каде што се лоцирани странците.
Српскиот сервис на Би-би-си, во своја репортажа за условите во кои живеат бегалците и мигрантите во државата, подвлекува дека здравствената заштита на овие лица во Србија е еднаква со онаа на граѓаните на земјата, и додава дека за мигрантите и бегалците има отворена здравствена телефонска линија на која тие можат да пријават сомнителни случаи на заболени лица.
Хрватскиот весник „Јутарњи лист“ информира дека болниците по должината на земјата, особено оние во приморјето, започнуваат да се полнат со случаи од мигранти и бегалци заболени од ковид-19. Весникот информира дека заболувањето е најголемо во камповите каде што се сместени овие луѓе и здравствените власти ги преземаат сите неопходни мерки за заштита од вирусот.