Бетон, црвени линии, аморфност, илузија

Проф. д-р Митко Б. Панов,редовен професор во Институтот за „ национална историја, подготви стручна анализа во четири продолженија, која, почнувајќи од денеска, ексклузивно ја објавуваме на страниците на нашиот весник. Во анализата, насловена „Тетралогија на македонскиот идентитет и смислата на постоењето“, се даваат научно објаснување и анализа на сите аспекти што се однесуваат на македонскиот национален идентитет, историја, јазик, култура… и обидите за нивна негација, оспорување и бришење

Тетралогија на македонскиот идентитет и смислата на постоењето (1)

Поаѓајќи од јавното извинување на премиерот Заев за својата непромисленост што „по грешка ja именувал националната фудбалска репрезентација како македонска“, нацијата во сета фудбалска еуфорија се соочи со една реалност дека „забетонираниот национален идентитет“ не е всушност оној македонскиот. Обелоденувањето, пак, на дел од португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија покажа дека државното раководство се согласило со целосно исклучување на географското значење на поимот Македонија во новото име на државата „Северна Македонија“, како и со бугарското декларирање на македонскиот јазик како историски непостоен. Ако кон тоа се додадат „адресираните грижи на Бугарија“ преку прифатените обврски содржани во Позицијата на бугарското министерство за надворешни работи од 25.6.2021 г., од кои сите без исклучок имаат историски контекст, станува сосема извесно дека преговорите имаат цел да го „решат“ македонскиот народ, преку историската ревизија што ќе го направи „погрешно“ неговото постоење пред 1945 г., како и на нацијата.
Верификувањето на историското непостоење на македонскиот народ и на посебноста на македонскиот идентитет, преку политичките декларации и меѓудржавните комисиски договарања, ќе значи и конечен крај на македонското прашање. Тоа ќе ги отвори портите на ЕУ за „граѓаните на Република Северна Македонија“, со нација без име и без придавка, како и со народ без посебна историја, чиешто себеименување како македонски, како и јазикот на кој говори, повеќе ќе нема значење – бидејќи ќе остане без историска содржина што ги определува името и идентитетот. Со тоа македонскиот народ ќе ја изгуби не само посебноста, туку и смислата на постоењето, како и македонскиот идентитет.

Новопредложената Резолуција, иако задоцнета, претендира да го адресира и оневозможи ваквиот исход од билатералните преговори, наметнат како услов за патот на Република Македонија кон ЕУ. Документот би требало да резултира со национално обединување, манифестирано преку конечното поставување на црвените линии, со што категорично ќе се дефинираат државните позиции што не смее да биде предмет на преговори. Не треба да се остави простор за какви било интерпретации, бидејќи самото преговарање за историската содржина на македонскиот народ, што по инсистирање на Софија го вклучува и појаснувањето на поимот Македонија содржан во името на државата, како и на македонскиот јазик, не само што го проблематизира македонскиот идентитет туку историски го делегитимира од аспект на целосното раскинување на географската и историската врска со името Македонија, што го прави историски непостоен.
I. Бетон: Забранетата придавка македонски за државата и нацијата
По политичките критики и интервенции од Атина, премиерот побрза јавно да се извини дека всушност навивал за „погрешна“ фудбалска репрезентација, бидејќи по грешка ја именувал како македонска?! Фудбалерите, кои во име на својата нација спортски се натпреваруваа со другите европски нации, според експликацијата на премиерот, не можат да бидат идентификувани и да се самоидентификуваат како македонски, затоа што ги претставуваат државата и нацијата! И не се само тие?! Всушност, сите државни институции и тела, што го вклучува и самиот премиер, како и субјектите финансирани од државата (вклучувајќи ги и приватните) – за сите е погрешно да се именуваат како македонски, бидејќи ја претставуваат нацијата и добиваат финансии од државата. Штом се стапи во официјална релација со државата, македонски е забранета придавка за дефинирање на националниот идентитет.

Споредено со другите соседни земји, како Бугарија – каде што името Бугари претставува ознака за бугарската нација; Грција – каде што името Грци ја дефинира грчката нација; Албанија – каде што Албанци е ознака на албанската нација, Србија – каде што Срби ја означува српската нација; само во „Северна Македонија“ нацијата е сведена на безимени „граѓани на…“. Тоа ли е материјалот што го сочинува „бетонот“ на новиот национален идентитет на „граѓаните на Северна Македонија“, со безимена национална содржина и без придавка што го означува идентитетот?!
Но власта продолжува да ги уверува граѓаните дека е изборено неприкосновеното право на користење на кратенките МКД и МК „за да имаме можност да останеме препознатливи“. Притоа, се истакнува дека, за разлика од порано, кога репрезентацијата настапувала „под ФИРОМ и стоело на екраните ФИРОМ, сега стои МКД и стои Северна Македонија“. Виртуелноста на македонскиот идентитет е јасно одразена во моментот на соочувањето со реалноста – МКД и МК всушност повеќе не се „македонски“, бидејќи упатуваат на државата и нацијата, а кои не може да се означуваат како македонски! Затоа МКД (користено и во португалскиот предлог како кратенка за Северна Македонија) треба да создаде привид на „препознатливост“, која во реалноста е изгубена. Исто како и македонски, кој е претворен во забранета придавка за означување и идентификување на нацијата и државата.
Оттаму, сите изјави дека со Преспанскиот договор денес „Македонците се Македонци за целиот свет“, а претходно за сите во светот сме биле „ФИРОМ и фиромци“, а „само за дома Македонија и Македонци“, се само манипулација со поимите нација и народ и поигрување со националните чувства на Македонците. Исто како и тврдењето дека во Преспа се „впишани Македонци“, што не е точно! Преспанскиот договор (во официјалниот превод на македонски јазик на Владата) воопшто не го содржи терминот Македонци, ниту, пак, познава категорија етнички Македонци, ниту македонска нација. Од едноставна причина што Грција не признава постоење на етнички Македонци и македонска нација, што може да се провери во официјалната позиција на сајтот на грчкото МНР! Затоа, во официјалниот превод на договорот, „Macedonian“ не значи Македонец, туку „македонски“, со задолжително појаснување со коса црта дека во национална смисла тоа подразбира исклучиво „граѓани на Северна Македонија“. Впрочем, Преспанскиот договор јасно констатира дека „терминот Македонија“ престанува да се употребува за „обраќање кон Втората страна во каков било официјален контекст “.

Преспанскиот договор, кој е преточен во уставните измени, го констатира правото на самоопределување, што му дозволува на народот (како еден од етничките заедници) што живее во границите на „Северна Македонија“ да се самоидентификува како „македонски“. Но ваквата самоидентификација е само за дома, односно стриктно ограничена во границите на политичкиот субјект „Северна Македонија“. Притоа, македонскиот народ е лишен од правото со придавката македонски да воспостави правен линк со државата, како и официјално да ја идентификува нацијата. Ниту, пак, може да го користи терминот Македонци како ознака за нацијата. Во ООН тоа е јасно дефинирано, каде што придавката македонски има строго ограничено значење и е сведена на демоним со единствено значење на жители, односно „граѓани на Северна Македонија“, кој мора „да се репродуцира на начинот на којшто е наведен, што ја вклучува и косата црта“. Оттаму, и државјанството/граѓанството (citizenship) „на Република Северна Македонија“ станува единствено релевантно, наспроти националноста (nationality). Тоа ја прави ознаката „македонско“ без значење на придавка со која се дефинира националноста, односно припадноста кон нацијата (Митко Б. Панов, „Сувото дрво на Македонците и мачниот привид на нацијата“, Expres, 3.4.2021). Затоа, идентитетска придавка за нацијата веќе станува „северномакедонска“ за надвор, бидејќи за сите други држави нормално е да имаат придавка со која ја идентификуваат нацијата.

Може да има Македонци надвор од границите на „Северна Македонија“, но тие, според Преспанскиот договор, биле и се Грци, бидејќи историското име и територијата на историска Македонија во нејзиниот „северен регион“ се строго дефинирани како хеленска цивилизација и наследство „од антиката до денешни денови“!
Тоа води кон клучниот аспект на дефинирањето на идентитетот поврзан со името Македонија. За разлика од утврденото грчко поимање на името Македонија како историска категорија и дефинирана како хеленско цивилизациско наследство (што ги прави Македонците исклучиво Хелени во историска смисла), македонскиот народ со Преспанскиот договор останува историски недефиниран. Имено, договорот забележува дека народот што живее на строго разграничената територија на политичкиот субјект „Северна Македонија“, а кој се самоидентификува како македонски, може да „има сопствена историја, култура и наследство“, но „кои се особено различни“ од грчките. Ваквата состојба на недефинирана историја, култура и наследство на македонскиот народ го прави објект на адаптирање во согласност со националниот наратив на Грција (како и на Бугарија), што посебно ги вклучува содржината на учебниците и наставните програми. Ако се земат предвид досегашните договори постигнати во рамките на меѓудржавната историска комисија за историски, образовни и археолошки прашања со Грција (обелоденети во форма на таен документ од проф. Сфетас), произлегува дека значењето на терминот Македонци во историска смисла претставува хеленско наследство од антиката, без каква било етничка конотација. Постигнатите комисиски договори применети во практиката (со Грција и со Бугарија), би значеле дека термините Македонци што се среќаваат во средновековниот и постсредновековниот период немале никаква етничка словенска асоцијација, бидејќи не можела да постои каква било идентификациска поврзаност на Словените со името Македонија (Митко Б. Панов, „За грчките претензии кон термините Македонија и Македонци“, Expres, 7.6.2020).

Атина, всушност, го обезбеди своето политичко толкување на поимите Македонија/Македонци, кои со Преспанскиот договор за грчката држава стануваат историска категорија со значење на хеленска припадност и наследство. Наспроти тоа, неодреденото историско дефинирање на македонскиот народ во границите на државата со новото име „Северна Македонија“, го прави политичка (креирана), а не историска категорија (природно настанат во историјата преку именското поврзување со територијата и името Македонија). Истото тоа се однесува и на македонскиот јазик, за кој во договорот единствено се забележува дека ќе биде „официјален јазик на Втората страна, како што е признаено на Третата конференција на ОН од 1977 г.“, но, сепак, е оставен недефиниран, бидејќи во чл. 7: 3-4 е забележана само изјава на Втората страна дека „нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици“, за потоа двете страни да потврдат дека „овој јазик“ нема врска со античката хеленска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Грција. Затоа Бугарија сега инсистира на дефинирање на македонскиот јазик, со цел историски да ја делегитимира неговата посебност.
Именската и идентитетската недефинираност на нацијата што произлегува од уставните промени, ја сведува на новокреиран политички субјект, продукт на Преспанскиот договор, a македонскиот народ со недефинирана историја, која мора да се усогласи со националните наративи на соседите. Процесот на историско редефинирање се реализира преку „денационализирањето“ на историјата на македонскиот народ, што подразбира исклучување на историската врска со историскиот регион Македонија (дефиниран како хеленски) и врамување на историски недефинираното словенство во „заедничката историја“ со Бугарија. Со тоа, „политичкиот субјект Република Северна Македонија“ добива нов национален наратив, целосно различен од оној на Грција, но „заеднички“ со бугарскиот национален наратив – односно „бугарски“. На тој начин, македонскиот народ добива нова историска содржина и се стекнува со нов идентитет. Вака редефиниран, ќе му биде признаена реалноста на сегашното постоење, без минато.
Оттаму, за каков, тогаш, загарантиран „македонски идентитет, македонски јазик и македонска национална посебност“ станува збор и на кои црвени линии?! Одговорот го дава португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија.

(продолжува)

Утре: Португалскиот предлог и „акомодирањето на црвените линии“ на македонскиот идентитет