Според новата методологија, државите-членки на ЕУ ќе имаат и поголема моќ да иницираат суспензија, односно запирање или враќање во пристапните преговори во случаи кога земјите-кандидати не напредуваат на кое било поле што е опфатено во пристапниот процес. Што значи тоа за Македонија
Европската комисија вчера ја усвои новата методологија за проширување што се однесува на земјите од Западен Балкан. По усвојувањето на методологијата, комесарот за проширување Оливер Вархеи, на прес-конференцијата, презентирајќи го документот, истакна дека основната цел на ЕУ останува непроменета, а таа е проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.
– Проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан е главен приоритет за Европската комисија. Работиме на три патеки. Првично, сега предлагаме конкретни чекори за тоа како да го засилиме пристапниот процес. Додека го засилуваме и подобруваме процесот, приемот и целосното членство во ЕУ остануваат цел. Второ, паралелно, комисијата останува со цврст став за препораките за отворање пристапни преговори со Македонија и со Албанија и наскоро ќе информира за напредокот постигнат од двете држави. Трето, во подготовката на самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај, комисијата ќе истапи со економски и инвестициски план за регионот – изјави европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеи.
Тој посочи дека ќе има јасно дефинирани услови што се бара и кога е постигнато. Според Вархеи, за Македонија и Албанија ќе се употреби новата методологија, но се надева дека и Србија и Црна Гора ќе ја прифатат таа методологија.
– Кластер-системот е сосема нов. Имаме крупен план за инвестиции што ги придружуваат новите елементи. Ако Косово е подготвено да се ангажира да работи за влез во ЕУ, ние сме подготвени да работиме за тоа. Членството е понудено за целиот регион, вклучувајќи го Косово – нагласи тој.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, нагласи дека предлогот е „добра порака“ за Македонија и за Албанија, двете разочарани земји од немањето одлука за почеток на преговорите во октомври.
Во меѓувреме, за обележување се информациите дека со новата методологија се овозможува запирање или враќање во пристапните преговори во случаи кога земјите-кандидати не напредуваат на кое било поле што е опфатено во пристапниот процес. Државите-членки на ЕУ ќе имаат поголема моќ да иницираат суспензија на пристапните преговори.
Натаму, документот предвидува и можната стагнација или враќање на процесот да се соопшти во годишната процена на Европската комисија. Се остава можност и државите-членки на ЕУ да придонесат во овој процес, така што на комисијата ќе ѝ јавуваат за каква било стагнација или сериозно заостанување во процесот на реформи.
Преговарачките поглавја ќе бидат групирани во шест тематски кластери. Овие кластери опфаќаат широки теми, како што се управување, внатрешен пазар, економска конкурентност и поврзаност. Ќе се овозможи да се утврдат најважните и најитни реформи по секторите, а преговорите за секој кластер ќе бидат отворени во целина по исполнување на почетните мерила.