Врз основа на сѐ она што Македонија го постигна, Австрија за време на своето претседавање со Европската Унија ќе ги убедува европските партнери и членките на Советот на ЕУ, земјата побрзо да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, изјави австриската амбасадорка Ренате Коблер на вчерашната конференција „Западниот Балкан и евроатлантските вредности – Студија на случај Македонија“.
Во врска со спорот за името со Грција, австриската амбасадорка рече дека решението треба да биде прифатливо за двете земји, а важно е Македонија да продолжи со реформите на кои е фокусирана.
Коблер истакна дека главни цели на австриското претседавање, од први јули, ќе бидат спроведување на европската политика за безбедност, борбата против илегалната имиграција, проширувањето на ЕУ, ефикасното оданочување, а ќе работи и на внатрешната безбедност, системот за азил.
– Мотото на австриското претседавање со ЕУ, кое ќе го преземе од Бугарија на први јули, ќе биде „Европа што штити“, а фокусот ќе биде на безбедноста – додаде австриската амбасадорка.
Заменичката на амбасадорот на Бугарија во Македонија, Даниела Будинова, рече дека Бугарија како еден од приоритетите со своето претседавање го има проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Таа истакна оти Бугарија ги цени напорите на Македонија во реформите и оти е направено многу особено со планот 3-6-9, а тоа е директно поврзано со основните вредности на Европската Унија – демократија, стабилност, безбедност.
Во однос на спорот за името, Будинова изрази надеж дека ќе се најде заеднички прифатливо решение за името со Грција.
– Го поддржуваме процесот, но не заземаме страна и не вршиме влијание на ниту една од страните во процесот – изјави Будинова.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека Владата е целосно посветена на јакнење на регионалната соработка.
– Пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ е еден од приоритетите за исполнување на условите за регионална стабилизација на целиот регион – рече Бектеши.
Конференцијата, која се одржа во Секретаријатот за европски прашања, ја организира Институтот за меѓународни и политички студии – Скопје, по повод четвртата едиција на Европската недела – Денови на Европа, на која учествуваат повеќе претставници од регионот.