Пендаровски: Во духот на Рамазан да даруваме, помагаме и шириме добра волја
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху.
-Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки по повод празникот Рамазан Бајрам. Посакувам празничните денови да ги поминете во мир и хармонија исполнети со среќа и радост и споделувајќи љубов со ближните. Во духот на Рамазан да даруваме, помагаме и шириме добра волја. Без разлика на верската, етничката и политичката припадност да имаме разбирање и почит кон сите наши сограѓани. Заедно, сплотени и солидарни да работиме на напредокот и благосостојбата на нашата заедничка татковина, Република Северна Македонија. Честит Рамазан Бајрам – напиша претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Мицкоски: Луѓето без разлика на религијата кога се обединети можат да направат подобро утре за себе и за своите блиски
Претседателот на ВМРО-ДМНЕ, Христијан Мицкоски во негово лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите муслимани во државава им го честитам големиот празник Рамазан Бајрам.
-Живееме во времиња на големи предизвици и проблеми кои ги делиме заедно, исто како што сме ги делеле низ вековите наназад. Токму ваквите празници се можност да ги истакнеме нашите заеднички традиционални вредности кои не врзувале низ годините, а тоа се разбирањето, солидарноста, толеранцијата истрајноста. Верата во Бога го прави секој човек духовно побогат и подготвен да се справи со сите пречки кои се испречуваат пред него. Луѓето, без разлика на религијата, кога се обединети и кога имаат силна верба можат заедно да направат подобро утре за себе и за своите блиски, за своите комшии и за своите сограѓани – напиша Мицкоски во честитката.
Тој посочува дека правењето добри дела може да ги сплотува луѓето.
– Јас, но и ВМРО-ДПМНЕ веруваме дека со добра волја и силна пожртвуваност можеме заедно да направиме добри дела и да си ја подобриме својата иднина и иднината на нашите деца и внуци. Како што доброто е универзално, така и лошите појави се зло за секој од нас. На тие појави, како корупцијата, криминалот, кои пак носат сиромаштија, очај и безнадежност, мораме заедно да се спротивставиме. Да го кренеме гласот против изворот на овие извитоперени вредности во нашето општество, да им покажеме на оние кои се носители на ова безумие дека не можат да не поделат, не можат да не скршат, туку дека не обединуваат посилно да им застанеме на патот. Нека празникот ви донесе мир и радост во вашите срца, бериќет, здравје и успеси во вашите домови – напиша Мицкоски во честитката по повод Рамазан Бајрам.
Ковачевски за Рамазан Бајрам: Преку меѓусебна почит и разбирање градиме еднакво општество
Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, упати телеграма со честитки до поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис ул Улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, до членовите на Ријасетот и на Муфтиствата, како и до сите верници од исламска вероисповед, кои празнуваат.
-Упатувам искрени желби за мир, радост и благосостојба до секого и во сечиј дом. Празниците се денови кога членовите на семејствата, соседите, пријателите се заедно и споделуваат меѓусебна почит, разбирање, солидарност. Токму на овие вредности, ние заедно го градиме и нашето еднакво општество за сите граѓани, промовирајќи ја мултикултурата како функционална придобивка и со оваа посебност ја интегрираме државата во европското семејство на народи и држави – напиша премиерот во честитката.
Во време на безбедносни и економски предизвици на европскиот континент, како што посочува Ковачевски, Република Северна Македонија е корисен, уникатен пример, за негувањето и развојот на различните традиции, вери, заедници.
-Преку заедничките определби, со искрените пријателства, да продолжиме да поставуваме нови темели во меѓусебните односи. Честит Рамазан Бајрам! – порача во телеграмата за празникот, до поглаварот хаџи Шаќир ефенди Фетаи, премиерот Ковачевски.
Џафери за Рамазан Бајрам: Се надевам дека во периодот што го оставаме зад нас успеавме да го извлечеме од себе најдоброто
Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери од негово лично име и од име на пратениците во Собранието упати честитка за првиот ден на големиот муслимански празник, Рамазан Бајрам до сите припадници на исламската вероисповед.
-После деновите на пост по повод светиот месец Рамазан, дојде и денот на Бајрам, како круна и награда за физичките и духовните искушенија низ кои поминаа сите посветени верници. Некој ги помина полесно, некој потешко, некој во богатство а некој со помалку меѓутоа, тоа не ги минимизира вредноста и значењето на празникот на Бајрам. Свеченото чувство и топлото зрачење продира до срцата и домовите на сите. Се надевам дека во периодот што го оставаме зад нас успеавме да го извлечеме од себе најдоброто. Дека успеавме да споделиме со блиските, со познатите и тие во потреба зборови на надеж, дела на солидарност, почит и разбирање, но над сѐ, да ја споделиме трпезата и сето тоа што го имаме – напиша Џафери во честитката.
Тој на припадници на исламската вероисповед им посака добро здравје, духовен и ментален мир.
-Економската благосостојба и семејната топлина нека завладее во секој дом на овој голем ден на Рамазан Бајрам. За многу години – напиша претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Спасовски со честитка за Рамазан Бајрам до граѓаните од исламска вероисповед
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот Фејсбук профил им го честиташе Рамазан Бајрам на граѓаните од исламска вероисповед.
– Во мое и во име на МВР ви упатувам искрени честитки по повод големиот празник Рамазан Бајрам и завршувањето на рамазанските пости – Бајрам Шериф Мубарек Олсун! Светиот месец на муслиманите повикува на молитва, на преиспитување на личноста, на правење чекор кон себе, за да крајот на Рамазан донесе бројни благодети за обнова на духовната сила. Нека светлината на Месечината го осветли патот кон дарувањето – љубов кон најблиските, солидарност кон немоќните. Честит и благословен Рамазан Бајрам! За многу години нека е пријатели – пишува министерот Спасовски.