Фото (СПМ)

По вчерашната објава на Државниот завод за статистика дека трошоците на живот во јануари се зголемени за 6,7 проценти, а индексот на цените на мало забележале зголемување од 7,3 проценти, Синдикатот на полицијата на Македонија испрати отворено барање за повискоки плати до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

– Зошто ги заборави полициските службеници? Дозволете да ве потсетиме дека веќе неколку години наназад ја „создадовте” и секојдневно ја промовирате паролата „Задоволна полиција безбедни граѓани“. Оттука ќе ве запрашаме како прв човек во Министерство за внатрешни работи дали и сега откако со твојот партнер од МПС се испофаливте дека ќе има „небесно“ покачување од 5 проценти и понатаму сметате дека имате „задоволна полиција“? Зар не се срамите министре, а со тоа ја понижувате „твојата“ полиција што мизерните 5 проценти наместо веднаш, планирате да ги покачите во декември 2022 година и тие пари да ги земеме во јануари 2023?? – стои во отвореното барање на полицискиот Синдикат.

Во своето обраќање лично до министерот Спасовски, полициските синдикалци му даваат предлог на министерот за решавање на проблемот.

– Пред донесувањето на измените од Законот за внатрешни работи од пратениците во Собранието бараме да поднесат анандман за измена на членот 144 став 1 и донесување нов став 2 од Законот за внатрешни работи кој предлагаме да гласи:

(1) Вредноста на бодот за пресметување на платите на работниците во Министерството, се утврдува од страна на Владата, во согласност со репрезентативниот синдикат“.

(2) Владата на седница ја утврдува вредноста на бодот за секоја тековна година со писмена согласност на репрезентативниот синдикат и одлуката ја објавува секоја година во службен весник.

Како причини за овој предлод синдикатот објаснува дека со досегашното законско решение министерот за внатрешни работи бил тој кој буквално одлучувал за платите во Полицијата.

-Тоа се се покажа како лош пример и како Синдикат сметаме дека Владата како институција во иднина повеќе ќе се грижи за стандардот на вработените во полицијата. Со јавно објавување на вредноста на бодот како што е и пракса во повеќето институции ќе се тргне дилемата за тоа колку изнесува платата во полицијата – предлагаат од полицискиот Синдикат.

Нивен предлог е вредноста на бодот за полицаец, наместо досегашните 29 денари , да изнесува 62 денари.