Подводниот дрон е голема помош во потрагата по последниот исчезнат турист на Халкидики, но струите на морското дно се многу силни, вели претседателот на волонтерската спасувачка служба ОФКАТ, Христос Рамос, во изјава за грчки „Њузит“.
– Операцијата продолжува со подводниот дрон на ОФКАТ на местото што ни го посочи Иван. Скениравме голема површина, но не најдовме трага и причината е што струите на дното се многу силни. Истрагата на ОФКАТ сега се отвора малку повеќе – вели Рамос.
Грчките служби постојано ја известуваат и мајката на исчезнатиот Мартин за текот на потрагата. Напорите на крајбрежната стража и волонтерската спасувачка служба ОФКАТ во потрагата накратко биле прекинати, но ќе продолжат попладне, со што сите вложуваат труд се надеваат на најдоброто, наведува грчкиот портал.
– Мајката и роднините на Мартин се излезени на копно со нетрпение очекувајќи вести и ги известуваме за напредокот на истрагата. Попладне ќе се обидеме повторно бидејќи денес временските услови се поволни – посочува Рамос.
Потрагата по последниот исчезнат македонски турист на Халкидики ќе продолжи до неговото пронаоѓање, во неа помага и семејството на момчето, а надеж за успех даваат информациите од вториот пронајден Македонец, како и денешните поволни временски услови, истакнуваат од волонтерската спасувачка служба ОФКАТ, која завчера безбедно го донесе на брегот Иван, кој беше пронајден по повеќе од 17 часа поминати во морето.
Mајката на исчезнатото момче, од САД каде што живее, пристигна во базата на волонтерскиот тим за пребарување и спасување ОФКАТ во Солун, пред нивното заминување за Халкидики.
Младиот турист и неговите двајца пријатели биле на одмор на Халкидики кога во саботата попладне, славејќи го роденденот на нивниот 30-годишен пријател Иван, завршија во водата борејќи се за да преживеат. Иван беше пронајден безбеден во неделата напладне, а првиот исчезнат, 25-годишниот Васил, веднаш го лоцирала крајбрежната стража.