Илустрација: Влада

Под слоганот „Борбата трае“ годинава ќе биде одбележан еден од најголемите македонски национални празници, 2 Август – Денот на Републиката.

-Централната манифестација, како и секоја година, ќе се одржи на 2 Август во Крушево, на месноста Гумење, на Мечкин Камен. На оваа свеченост обраќање ќе има претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Оваа манифестација претставува значаен момент за сите граѓани на нашата држава каде ќе се оддаде почит на хероите кои ја обележаа нашата историја – соопшти денеска владината прес-служба.

Претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова ќе го посети манастирот Свети Прохор Пчињски и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод на Пелинце. Нејзиното обраќање, како што е наведено во соопштението, ќе биде посветено на историското значење на овој празник и на важноста од зачувување на националниот идентитет и традиции.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши ќе положи цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“ и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод која ќе се одржи пред зградата на Собранието. Овој чин, како што се посочува во соопштението, ќе биде симбол на почит и сеќавање на нашите предци кои ги поставија темелите на нашата држава.

-Со слоганот „Борбата трае“ сакаме да ја пренесеме пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци – се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Оваа година се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.