Со измена на правилникот, жените-затворенички од „Идризово“ почнаа со користење право на викенд отсуство. Директорот Зоран Јовановски за „Макфакс“ посочува дека привилегиите ги користат по потреба. Меѓу нив е и Гордана Јанкулоска, која по скоро три години поминати зад решетки, без да може да излезе да го види својот син и семејството. Јовановски посочи дека добил пет барања за користење на овие привилегии, објави Макфакс.
– Одобрен е за пет жени. Привилегиите ги користат по потреба на нивно барање – посочува кусо Јовановски.
Погодностите доаѓаат откако Комисијата за антидискриминација утврди дека затвореничките од женски пол се дискриминирани со Правилникот во „Идризово“. Тој беше променет од Управата за извршување санкции и Министерството за правда. Адвокатот Влатко Илиевски, кој е и сопруг на Јанкулоска, посочува дека со овој чин, се исправи повеќедецениска неправда кон жените кои се осудени.
– Решението за користење на погодност – домашно отсуство, кое што го доби Гордана Јанкулоска заедно со уште неколку други жени осуденички, претставува епилог на дополнувањето на Правилникот за распоредување, класификација и разместување, донесен од страна на Министерството за правда и Управата за извршување на санкции. Без да навлегувам во правната издржаност на пресудата врз основа на која Гордана го има сегашниот статус, сметам дека со чинот на дополнување на Правилникот, се исправи повекедецениска неправда и дискриминација кон жените осуденички и се создадоа услови за похумано извршување на санкциите. Ова претставува минимален чекор во реформата во областа на правосудството, но значи голем скок во третманот на жените осуденички. Очекуваме во следниот период да се овозможи користење и на другите погодности согласно Куќникот ред на установата – вели адвокатот Илиевски за „Макфакс“.
Измените на Правилникот траеа со месеци. Антидискриминациска изготви решение со кое бараше жените да имаат исти права како и мажите. Потоа процесот се префрли во ресорното министерство. На крајот, затвореничките ги добија правата кои ги бараа. Измената на актот беше позитивно поздравена од невладини организации кои се залагаат за унапредување на човековите права.