Вчера, во Скопје, по кусо боледување, почина проф. д-р Димитар Кафтанџиев, доајен на македонската хирургија и основоположник на современата македонска тораковаскуларна кардиохирургија. Проф. д-р Димитар Кафтанџиев бил раководител на тимот, кој пред 50 години, на 30 мај 1973 година, ја извршил првата операција на отворено срце во државата.
Извршувал повеќе општествено-стручни и раководни функции. Бил продекан на Медицинскиот факултет во Скопје, директор на Клиниката за тораковаскуларна хирургија, како и директор на Хируршките клиники при Медицинскиот факултет во Скопје.
Автор е на две монографии, со наслов „Рак на дојката“ и „Рак на тиреоидната и на паратиреоидните жлезди“, како и на многубројни стручни и научни трудови, презентирани во земјата и странство.
Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои Орденот за заслуги за народ со сребрена ѕвезда на СФРЈ, државната награда „11 Октомври“, како и наградата на град Скопје, „13 Ноември“.
Посмртните останки на проф. д-р Димитар Кафтанџиев ќе бидат погребани утре на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.