Претседателот Стево Пендаровски на прес-конференцијата по состанокот на лидерите на Процесот Брдо Бриони, одговарајќи на новинарско прашање дали е прифатлив предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за Европа во две брзини, вели дека тоа не е формален предлот доставен до бриселските институции и оти не постои причина за загриженост.
-Тоа е стар предлог на францускиот претседател. Со тезата дека прво треба да има продлабочување пред да има проширување, значи прво треба да има измени на клучните процедури за проширување во ЕУ, па дури потоа да размислуваме за проширување на Унијата. Такво нешто не се случува. Има симболични, но сепак има движења напред во однос на статусот на државите од Западен Балкан кон ЕУ и надвор од Западен Балкан, Украина и Молдавија не чекаат продлабочување на ЕУ туку влегоа во процедура за проширување – рече Пендаровски.
Според него, ако се гледа објективно, во ЕУ долги години па и децении наназад постојат две и повеќе брзини, бидејќи не сите земји-членки се дел од еврозоната и од Шенген зоната.
-Ова не е формален предлог на Макрон, ова е дел од говор од Советот на амбасадори на Франција во светот. Кога би бил формален предлог доставен до бриселските институции од она што го имам како информација не би бил прифатен сигурно. Немаме причина за загриженост, нема да станеме членка утре па да се плашиме дека ќе имаме понизок статус или права од другите земји-членки за нас е најбитно да продолжиме по овој формален пат кој го имаме досега и да се приближиме што е можно поскоро до ЕУ – нагласи Пендаровски.
За хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, Европа во две брзини е идеја која е тешко спроведлива во пракса.
-Пред неколку децении го студирав европското право во Брисел и секогаш се зборуваше за ова. Тоа е невозможно, не гледам како тоа може да функционира, тоа е политички неспроведливо, доколку станува збор за формален предлог од францускиот претседател Емануел Макрон, не сум сигурен дека постои таков предлог. Дури и да постои таков предлог, било чиј да е, тоа така не може да функционира – кажа Милановиќ.
Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар кажа дека не ја гледа Европа во повеќе брзини и оти не е приврзаник за Европа во две или три брзини.
-Од повеќе аспекти треба да се гледаат овие предлози што доаѓаат од земјите-членки на ЕУ. Предлогот што го поддржа и Урсула Фон Дер Лајен државите на Западен Балкан, Украина и Молдавија да се направи некаков прогресивен план што порано во тој семент не гледам Европа во повеќе брзини, ниту сум поборник на брза Европа, секоја членка е еднаква со еднакви права и обврски но мислам дека е добро државите од Западен Балкан да се приклучуваат кон определени проекти кои се полесно извршливи можат да се реализираат, 20 години гедаме како се одвива соработката во Европа, така да не сум за Европа во повеќе брзини – рече Пирц Мусар.