На референдумот од опозицијата ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ, рече денеска претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Советот за безбедност.
Пендаровски, во во одговор на новинарско прашање дали можно ако се даде поддршка за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ да се добие компензација за уставните измени рече дека „освен што такво нешто е крајно неморално и никој нормален тоа не го размислува да го направи, исто така едното го исклучува другото“.
Според Пендаровски, прашањето на опозицијата за референдумот е практично да го прекинеме европскиот пат.
-Значи, вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето – рече Пендаровски.
Според претседателот, чудно е зошто во референдумското прашање не се спомнува и Преспанскиот договор, бидејќи, како што вели, во европската преговарачка рамка со која почнавме преговори неодамна во истата реченица стои и Преспа и Договорот со Бугарија.