Можностите за унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, со оглед на тоа дека двете земји се блиски соседи и сојузници во НАТО биле дел од разговорите меѓу претседателот Стево Пендаровски кој го прими претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков, кој денеска престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Во таа насока претседателот Пендародвски изразил поддршка за започнатиот дијалог меѓу двете влади, изнесените конкретни предлози, како и намерите за интензивирање на разговорите во наредниот период со цел постигнување мерливи резултати во интерес на граѓаните.
Во однос на отворените прашања меѓу двете земји, претседателот посочи дека е потребно враќање на довербата меѓу двете влади, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања. Надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за напречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот.
Претседателот Пендаровски истакна дека земјата во духот на добрососедството и почитување на принципот на еднаквост меѓу двете страни, има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање на компромисно решение за отворените прашања.
Тој додаде и дека отпочнувањето на пристапните преговори на државата со Европската Унија ќе претставува придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион. Тоа дополнително ќе влијае на унапредување на соработката во економијата, трговската размена, инфраструктурното поврзување како и соработката во областите на образованието, здравството и културата.