Фотографијата Патеката на чемпресите на авторката Гонца Перунковска е овонеделниот избор на „Нова Македонија“ за фотографија на неделата.
-Едно од најфотографираните места во Тоскана, Италија, кое се наоѓа во близина на Ашано и теракотните полиња на Сиена. Од оваа панорамска точка се отвара спектакуларен поглед на патеката со најпознатите чемпреси на светот, со кои како во прегратка е обвиена фармата Баколено, фотогенична и примамлива за секој фотограф, стои во описот на фотографијата. Окото ве води по кривулестата патека, која елегантно виткајќи се, се одмотува низ волшебниот пејсаж и ве води помеѓу двата реда високи чемпреси. Овие грандиозни дрвја, како стражари и домаќини, на секој ваш чекор ви посакуваат добредојде и позади секоја кривина од патеката, ви откриваат нов пејсаж и поглед кон околните брановидни ридови и полиња. Теракотните „бранови“ земја, заедно со ретките фарми обвиткани со чемпреси и топлото сонце, се еден од најимпресивните впечатоци кои остануваат во срце како спомен и ја отсликуваат душата на Тоскана – вели авторката.
Фотографијата утре ќе биде отпечатена на цела страница во печатеното издание на „Нова Македонија“.
Фото: Гонца Перунковска
„Нова Македонија“ секоја недела избира фотографија на неделата Фотографијата секој вторник, на цела страница, ќе се објавува во печатеното издание и на веб-страницата на „Нова Македонија“. Вашите авторски фотографии може да ги испраќате на [email protected] Насловот на мејлот треба да биде ЗА ФОТОГРАФИЈА НА НЕДЕЛАТА. Фотографијата треба да е со димензии 2.000 x 3.000 пиксели (ориентација портрет) и тешка до 3 мегабајти. Во мејлот треба да напишете име и презиме, наслов на фотографијата и краток опис, кои ќе бидат објавени заедно со фотографијата. Во мејлот треба да наведете и дека сте согласни да се објави фотографијата, доколку биде избрана.