фото: Маја Јаневска Илиева

Потсетувањето на Климентовите зборови со кои ги прославува делата на Светите Кирил и Методиј е особено важно за да се укаже на изворноста на нивните дела и непосредната поврзаност со македонските земји и со јазикот на македонските словени во период кога се соочуваме со предизвици на наметнат ревизонизам, негирање, оспорување на идентитетот, порача директорот на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Б. Панов на отворањето на „Вторите Кирило-Методиеви научни средби“ во Скопје.

– Воспоставувањето на традиционален научен форум е со цел тој да го реконструира делото на нашите и сесловенските просветитетли и ќе да трансмитира фундаменталната историска порака содржана во универзалноста на нивната мислија за рамноправност на народите, богатството на различностите културите и јазиците, порака релевантна за современа Европа, особено од аспект на политичката инструметализација на историскиот наратив на Св. Кирил и Методиј и претензиите за национална ексклузивност на нивното наслесдтво за што сме сведоци овие неколку години – рече Панов.

Прифаќањето на ваквите национални наративни конструкти, според него, се поставуваат како услов за евроинтеграциите на Македонија со што, како што рече, целосно се искривува клучната мисија на Св. Кирил и Методиј, како патрони на Европа, правата на народите за слободна експресија на идентитетот и самобитноста на својата кутура.

– Изворноста е најдобар одговор на политичките конструкти и тенденците за национализација на наследството на Св. Кирил и Методиј. Св. Климент ќе каже „дека Св. Кирил бил апостол и учител на сите земји кој создал храм во неговото срце и на неговиот јазик, како татковина за себе и за сите“ – рече Панов.

На ваков начин, додаде, се изборил за рамноправност на словенскиот народ и за културната самобитност.

– Сега кога повторно се соочуваме со предизвици на наметнат ревизонизам негирање условување на  идентитетот исклучително е важно да се посетиме на Св. Климент кој со своите дела ги прославува светите Кирил и Методиј, како апостоли на слободата, на духот и јазикот, како промотори на писменоста образованието и духовната зрелост и да укажеме на изворноста на нивните дела и неспорната поврзаност со македонските земји и со јазикот на македонските словени – истакна професорот Панов.

Ректорка ректорката на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова, смета дека Св. Кирил и Методиј не се само духовни светилници, туку духовни основоположници на сето она што денеска го нарекуваме словенска писменост и идентитет.

– Тие биле мисионери и учени визионери, кои го поставија својот вечен белег во историјата. За Македонија нивното дело има особена тежина. Тие се симбиол на духовна светлина на културна независност и на вековна борба за зачувување на нашиот јазик писмо и идентитет. Преку нивната мислија македонската почва стана мост меѓу истокот и западот, меѓу верата и науката, меѓу старото и новото. Тие се темели на нашата писменост – истакна Ангелова.

Деканот на Православниот богословски факултет, проф. д-р Дејан Борисов, истакна дека овие двајца просветители ако се гледаат нивните успеси низ историјата, навистина биле и добри амбасадори на Византија, во делот на односите со другите народи.

– Но, таа нивна претходна работа и претходни мисии што ги имаа, се ставаат во контекст на работа меѓу свои луѓе бидејќи одат меѓу христијани, меѓу оние кои го примиле христијанството, но на туѓ јазик, кој не го разбираат. Тие го носат словенскиот јазик во богослужбите. И да не се заборави првиот епископ во историјата кој богослужел на словенски јазик е Св. Методиј – рече Борисов.

За академик проф. д-р Витомир Митевски, овие научни средби се вистински начин на славење на овој голем датум, и практично потсетување на делото на она што е создадено и чии плодови ние ги користиме.

– Луѓето понекогаш можеби специјалистите се свесни, но ,повеќето од неупатените не се свесни дека ние практично добар дел од она што го искажуваме во науката, во уметноста и воопшто во оној наш книжевен јазик е всушност јазикот кој произлегол од оваа традиција. Ние сме еден од благословените народи кој имал долга традиција добри учители, првоучители кои ни создале таков јазик кој може да си го користиме без да позајмуваме од другите јазици од запад од страгрчкиот од латинскиот јазик. Тоа е голема продобивка и на тоа треба да се потсетуваме постојано – рече Митевски.

„Вторите Кирило-Методиеви научни средби“ се одржаа на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, а се во организација на Факултетот и на Институтот за национална историја

Научните средби имаат цел за одбележување на патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во контекст на зачувувањето и афирмирањето на вековните македонски историски и црковни традиции. Прераснуваат во препознатлив академски форум на кој во иднина ќе бидат засегнати и отворени прашања од областа на кирилометодиевистиката како фундамент на македонската средновековна историја, книжевност и јазик, како и како општо цивилизациска придобивка.