Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов се сомнева дека затвореници или банди во затворите кои се под негово управување, се одговорни за палењето на неговата куќа во скопското село Зелениково.
Според Пандов, тоа се должи на кукавичлукот и стравот што го имаат одредени затвореници од притисокот што го имаат со промена на власта и тоа што привилегиите што ги имале сега ги изгубиле.
– Секој еден затвореник кој го почитува словото на законот, кој го почитува куќниот ред, знае дека во мене има пријател и обратно оној кој мисли дека е шериф и дека негов е затворот и може да прави што сака – е мој непријател – рече Пандов во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Тој вели дека откако е директор на Управата веројатно има стекнато некои непријатели кои со оваа порака сакаат да го заплашат.
– Немам дилема дека е поради мојата работа. Јас и од претходно имав, тоа се муабети немам докази, меѓутоа дека имало такви разговори и тоа конкретно околу палење и други потешки кривични дела – рече Пандов.
Прашан дали во овој период имал некои закани, Пандов рече дека тие не биле директни, но оти имал сознанија од затвореници и од вработени во затворите дека одредени лица разговарале како да му наштетат.
– Ова не е атак на Александар Пандов, ова е атак на директорот на Управата за извршување санкции. Оваа борба против корупцијата и криминалот ги има заболено бандитите во затворите и надвор од затворите – додаде Пандов.
На дополнително прашање дали конкретно во некого се сомнева и дали станува збор за одредени групи или поединци, Пандов рече дека има одредени лица што се поврзани со тој тип на криминал.
– Нема да си дозволам моите претпоставки јавно да ги споделам, меѓутоа имам основано сомневање и на тие треба да им биде јасно дека се задолжиле многу кај мене и ако ми се докаже дека е некој од нив до крајот на нивниот живот ќе го плаќаат тој долг. Ниту ме уплашиле ниту педа мислам да се повлечам од ова. Меѓутоа дека жестоко ќе биде одговорено на ова и на тие бандити и криминалци што го имаат направено ова и кои мислат дека вака може да се однесуваат и уште повеќе сум решен и поспремен она што го правам до сега да го правам и понатаму – одговори Пандов.
Тој рече и дека одредени затвореници се однесувале како да се газди на затворите, ги тепале затворските полицајци и се занимавале со лихварство.
Пандов вели дека одредени затвореници им нуделе и по 20 илјади евра на затворските стражари за да стигнат до телефон, а на тоа искушение некој потпаѓал, а некој не.
– Најопасните такви затвореници, тие прво се обидуваа со поткуп, доаѓаа разно-разни емисари нудеа пари. Мене лично. Ми понудија суми со четири нули. Многу пари се вртат во затворите. Трагедијата на ова не се само тие виновни. Она што мене уште повеќе ме прави бесен е тоа што некој корумпиран затворски полицаец му дал на некој таков затвореник телефон за тој да може да се јави и да го нарача ова што го направи – рече тој.
Пандов рече дека е свесен за ризикот што го носи функцијата што ја има прифатено и дека помислил и на тоа оти еден ден може да влезе во автомобил и да летне во воздух.
– Сум помислил и на тоа. Сепак тоа е за луѓе, на крајот од денот. Мене државата ме штити толку колку што може. Таков ризик постои. Меѓутоа, јас сум бил свесен кога сум се нафатил на оваа функција да ја извршувам и со чиста свест тоа го правам. Дали постои таква можност? Да. Не само што постои можност. Има поозбилни закани, меѓутоа, тоа е тоа. Закани за убиство – рече тој.
Директорот на Управата за извршување санкции додаде и дека денови се во прашање кога алките, кои ќе бидат ставени на нозете на осудени лица и кои затворската ќелија ќе ја заменат со куќен затвор и ќе бидат под 24-часовен електронски надзор, ќе бидат ставени во функција.
Пандов е оптимист дека до крајот на годината ќе заврши се за да почне изградбата на втората фаза на затворот во Идризово. Тој потенцираше и дека пред неколку дена работната група го завршила новиот Закон за пробација.
Директорот нагласи и дека интервентна единица оди на претреси по затворите и откриле дека над 50 отсто од затворениците во затворите поседувале телефони.