Фото: МВР

Еден ден по информацијата дека турските власти дале дозвола за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо во земјава, политичката партија Десна на социјалните мрежи објави писмо за кое се тврди дека било упатено од Палевски до министерот за правда Кренар Лога.

Писмото, за кое не може да се потврди дека е напишано од првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, наводно е напишано на 29 април.

Следниот ден, како што тврдат од Десна, тоа било испратено до министерот за правда Лога преку службената имејл-адреса на Министерството.

Покрај транскриптот на содржината на писмото, на Фејсбук-профилот на партијата се споделени и фотографии од наводно оригиналниот допис од Палевски напишан на рака од затворот во градот Баликесир во Турција, каде што беше уапсен и каде чека да биде екстрадиран во земјава.

Во писмото Палевски го обвинува министерот за правда дека неговата екстрадиција била намерно одолговлекувана за да се држи, како што вели, далеку од Македонија за време на изборите. Палевски тврди дека уште следниот ден по неговото апсење во Баликесир на 5 декември лани, пред надлежниот суд се изјаснил дека сака да биде екстрадиран по брза постапка. Истото, вели, го потврдил и на сослушување пред повисок суд на 23 декември.

На крајот од дописот, тој го обвинува Лога дека не направил ништо за да биде изведен пред органите на прогонот во земјава и дека тоа наводно било партиско барање и задача на „вашиот коалициски партнер“, чие име не го наведува, за да го држат далеку од Македонија за време на изборите.

Министерот за правда на 30 април информира дека со официјална информација од Република Турција добиле одобрение за екстрадиција на Палевски.