Фото: МОН

Министерството за образование и наука денеска ги почна консултациите за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на врсничкото насилство, промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување и за работа со нивните семејства.

Иницирано е отворање на електронски адреси каде младите, родителите и граѓаните ќе можат да пријавуваат врсничко насилство: [email protected] и [email protected] .

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска на прес-конференција соопшти дека  адресите се веќе активни и најави дека по секоја пријава веднаш ќе се постапува.

-На моја иницијатива денеска имавме дискусија со повеќе академски професори и експерти од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, безбедносните науки, со цел да дискутираме што е тоа што можеме да го интегрираме во нашиот образовен систем, за да превенираме несакани настани како во соседна Србија. Ова е сериозен предизвик за сите нас, имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор – изјави Шаќири.

Ако се увиди потреба, како што рече Шаќири, ќе се направат и законски измени во системот за образование.

Посочи дека во рамки на постечките механизми за справување со меѓуврсничко насилство и девијантни однесувања на децата и младите, делуваат стручните служби во училиштата, педагошката служба и Просветниот инспекторат, а МОН соработува со МВР.

Процесот на креирање мерки за јакнење на воспитно-образовниот систем за справување со насилство, како што најави, ќе биде инклузивен и во него ќе бидат вклучени повеќе институции и поединци. Со цел вклучување на сите засегнати министерства, ќе следат и средби со МТСП, МВР и Министерството за здравство.

 

Според социологот Татјана Стојаноска Иванова, потребна е заложба од секого за да се изгради вистинска стратегија за борба против врсничкото насилство.

-Клучното е што сите профили коишто се значајни за борба против насилството меѓу врсничкиот булинг се присутни. Сите ќе дадат свој придонес во изготвување на прирачници, стратегија, но и протоколи за борба против меѓуврсничкото насилство – рече Стојаноска-Иванова.

Кај нас, вели Стојаноска-Иванова, уште е табу тема да се побара психолошка помош.

– Како социолог заедно со колегите правиме истражување. Не сме свесни што се што случува на терен. Стравот и традиционализмот и страв дека ако побарам помош, ќе бидам обележан. Да не ги стигматизираме веќе. Имавме примери каде што родителот вели – моето дете не е предмет, а знаеме какви последици има детето. Зошто? Затоа што вели – кој утре ќе стапи во брак со неа. Тие табуа и стереотипи да ги надминеме. Секако потребно време, ништо преку ноќ не се прави – вели Стојаноска-Иванова.