фото: Влада

Ски центар „Михајлово” денеска беше официјално отворен, а првите скијачи имаа можност да уживаат во снегот на Кожуф планина, четириесетина километри од градот Кавадарци. Има ски-лифтови во должина од 370 метри со капацитет од 600 лица на еден час и скијачки појас, со капацитет од 800 лица.

– Всушност, отворена е првата стаза на 1.300 метри надморска височина, што завршува на 1.400 метри, со должина од околу 400 метри. Има најразлични содржини – појасни кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Тој најави дека учениците од општината преку програмата за физичко образование ќе имаат бесплатно учење скијање. Проектот рече е развоен, најави уште две стази со по два километра и од 1.800 метри да се спуштат на 1.300 и подобра инфраструктура.

Премиерот Христијан Мицкоски кој присуствуваше на свеченоста рече дека Владата продолжува да работи на реализација на проекти. Тој додаде дека ски – стазата претставува прекрасен објект. Притоа се заблагодари на сите општествено одговорни компании што учествуваа во изградбата на оваа стаза.

– Ова е исклучително голема можност за кавадарчани, но не и само за кавадарчани, туку луѓе од сите краеви на државата, да дојдат да уживаат во овие прекрасни природни убавини, да се рекреираат и навистина би сакал ова да биде еден почеток само, а понатаму уште повеќе да се развива и самото место и самиот регион, затоа што навистина самата планина и сето ова коешто е околу оваа ски- стаза е нешто што претставува природна реткост – истакна претседателот на Владата.

Мицкоски се заблагодари на сите кои придонесуваат со својот ангажман во тоа, Кавадарци како општина, навистина да претставува едно прекрасно место за живеење.

– Ние како Влада и во иднина ќе продолжиме да помагаме. Сега во февруари ќе биде објавен и новиот повик до општините за да аплицираат со нови проекти, што ќе бидат финансирани од страна на Владата. Така што заеднички кога се работи, успехот е тука – нагласи премиерот.

Се работи за донација од над 230 илјади евра. Од тоа, 115 илјади евра биле донирани од Комерцијална банка и исто толку од Кожувчанка ДОО. Со свој удел учествувале и неколку други општествени одговорни компании.

Александар Данев, директор на филијалата на Комерцијална банка во Кавадарци, изрази задоволство од настанот, посака успешна работа и развој. Тој рече дека ја препознале општествената вредност на овој проект.