Владата на Македонија го поздравува усвојувањето на Законот за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и на Законот за ратификација на Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан на вчерашната собраниска седница.
– Со ратификувањето на овие договори, поврзани со иницијативата „Отворен Балкан“, конечно станува реалност граѓаните на Македонија, Србија и Албанија да можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци – велат од Владата.
Дополнително, додаваат, олеснување ќе се обезбеди и со договорите за признавање на дипломи и професионални квалификации.
-Огромните придобивки од овие договори е што се отстрануваат бариерите за вработување, а државјаните ќе може да работат во сите држави со единствен број за идентификација, без какви било дополнителни процедури. Граѓаните ќе можат да добијат „Отворен Балкан“ број за идентификација на нивниот национален портал за е- Влада или на нивниот национален портал за електронска идентификација. Единствениот број за идентификација е електронска идентификација со којашто се добива пристап до електронските услуги во државата каде што лицето го добило бројот – појаснуваат од Владата.
Со добивањето на потврда за „Отворен Балкан“ број за идентификација се добива слободен пристап до пазарот на труд. „Отворен Балкан“ број за идентификација станува и основ за добивање единствен матичен број за странец, со што нема веќе процедури за дозволи за престој.
Според Владата, со ратификувањето на договорите се засилува конкурентноста во регионот, бидејќи компаниите ќе може да сметаат на работната сила на трите држави непречено, што ќе влијае и на конкурентноста на пазарот на трудот и растот на платите.
-Со тоа излегуваме во пресрет и на компаниите и стопанските комори од трите држави, кои очекуваа брзо спроведување на оваа мерка со која се либерализира регионалниот пазар на трудот. Станува збор за огромна помош и олеснување за фирмите кои имаат свои претставништва во Македонија, Србија и Албанија со цел полесно отворање на нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа. Станува збор за регионална конкурентност на пазарот на трудот која со сигурност ќе придонесе кон покачување на платите – се вели во денешното соопштение од Владата.
Договорите од иницијативата „Отворен Балкан“ беа потпишани на 21 декември 2021 година во Тирана од страна на претставниците на трите земји, Македонија, Србија и Албанија.