Во чест на загинатите припадници на Армијата во конфликтот во 2001 година и на загинатите припадници на полицијата во кумановските настани во 2015 година, денеска, во спортската сала „Борис Трајковски“ беше отворен 25. Меморијален турнир во мал фудбал којшто го организира Здружението „Херои на Македонија 2001–2015“.
Отворањето започна со едноминутно молчење во чест на загинатите, по што беше интонирана македонската химна, а потоа следуваа и музички изведби на детски хор со порака за мир и единство. Министерот за одбрана Владо Мисајловски, во обраќање изрази благодарност до Здружението „Херои на Македонија“ за зачувувањето на споменот на бранителите, истакнувајќи дека грижата за загинатите и нивните семејства мора да биде трајна обврска за сите институции.
– Меморијалниот турнир е посветен на луѓе кои во клучни моменти за државата не прашуваа колку е тешко, туку колку е потребно. Нивната жртва има име, семејство и приказна. Благодарение на нивната служба, денес зборуваме за безбедност и стабилност. Грижата за припадниците на безбедносните сили и нивните семејства мора да биде постојана, одговорна и суштинска – рече Мисајловски.
На Меморијалниот турнир присутен беше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој истакна дека храброста на бранителите, како и нивната жртва, се вградени во темелите на државноста. Гордоста на семејствата на загинатите, додаде, е гордост на цела Македонија.
– Нивната жртва не е само дел од историјата. Таа е жртва која нè обврзува, која нè учи дека слободата, безбедноста и мирот не се дадени, туку вредности кои се бранат со храброст, со чест и со највисока лична цена – нагласи Тошковски.
Како израз на почит кон загинатите припадници на вооружените сили, претседателот на Здружението „Херои на Македонија“, Владо Стојанов, нагласи дека ваквиот собир се одржува секоја година во организација на Здружението и институциите на локално и централно ниво. Обврска на секој, нагласи, е подеднакво да ја брани татковината.
– Македонските јунаци кои со љубов ја бранеа својата татковина, животот го дадоа за државата да не се распадне. Сите ние што живееме во неа, без разлика на национална, верска или расна припадност, сме исти пред Уставот и законите. Обврска на секој од нас е подеднакво да ја брани татковината. Затоа, преку спортските игри и во спортски дух, сплотени во добри дела, независно од национална припадност, обединети во масовност и заедништво, ќе заиграме и ќе го одржиме овој турнир – нагласи Стојанов.
Во рамки на турнирот, екипите од институциите и организациите ќе се натпреваруваат во спортски дух, а целта, како што беше нагласено, е преку спортот да се афирмира заедништво и почит кон жртвата на бранителите.



































