Фото: Емил Јовановиќ

Ковачевски потсети дека извршивме измена на Законот за здруженија на граѓани, согласно кои ќе мора да се усогласат сите здруженија регистрирани во државата без разлика кои се и какви се и дека побарал и изработка на целосно нов Закон за здруженија на граѓани и фондации

Избраните имиња на бугарските клубови може да претставуваат провокација со оглед на тоа што будат негативни чувства во најголемиот дел од нашето општество и се поврзани со најтемните периоди во европската историја, но граѓаните треба да бидат достоинствени и да се однесуваат со европските манири, како што доликува на државјани на членка на НАТО и земја која започна преговори со ЕУ, порача вчера премиерот Димитар Ковачевски во врска со инцидент во Охрид од средата вечерта, при кој беше оштетено стаклото на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“. Инцидентот уште истата вечер го осуди нашето Министерство за надворешни работи, а вчера осуди упатија и претседателот на Бугарија, Румен Радев и бугарското МНР.

Во одговор на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција во Владата, премиерот Ковачевски потенцира дека се потребни културно-информативни центри во земјава и во Бугарија што ќе ги зближуваат граѓаните на двете држави, а не кои ќе предизвикуваат негативни емоции.

– Уште кога се отвораа тие клубови кажав дека може да претставуваат провокација со оглед на тоа дека имињата кои што им беа дадени будат негативни чувства во најголемиот дел од нашето општество, со оглед на тоа дека тие личности се поврзани со најтемните периоди во европската историја. Исто така, тогаш повикав да се отвораат културно-информативни центри, кои што ќе ги зближуваат граѓаните на двете држави и двете држави, а не клубови кои ќе предизвикуваат негативни емоции кај граѓаните. Исто така, повикав и нашите граѓани да бидат достоинствени и да се однесуваме согласно со европските манири, бидејќи сме држава членка на НАТО и држава која има отворено преговори со ЕУ и идна полноправна членка на ЕУ и затоа треба да бидеме на ниво на такво однесување – рече премиерот Ковачевски.

Тој потсети дека извршивме измена на Законот за здруженија на граѓани, согласно кои ќе мора да се усогласат сите здруженија регистрирани во државата без разлика кои се и какви се и дека побарал и изработка на целосно нов Закон за здруженија на граѓани и фондации. Ковачевски најави и дека наскоро Владата ќе поднесе барање до Софија за отворање на официјални културно-информативни центри за што во комуникација се министерствата за култура на двете земји.

Инцидентот, при кој во средата вечерта беше отштетено стаклото на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, уште истиот ден го осуди македонското Министерството за надворешни работи.

– МНР најстрого го осудува вандалскиот чин, при што меѓу другото со употреба на оружје се оштетени надворешните стакла на граѓанскиот клуб во Охрид. Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава – се наведува во реакцијата.

Министерството ги повикува надлежните институции да ги истражат околностите под кои се случија овие „вандалски активности“ и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава, посочувајќи дека сите македонски граѓани имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања.

– Истовремено апелираме до сите граѓани за одговорно однесување и почит кон правата и слободите на другите, напомнувајќи дека мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок, кое претставува право и обврска за секој од нас – посочија од МНР.

Во реакција на инцидентот, бугарскиот претседател Румен Радев оцени дека тоа претставува „апсолутно неприфатлив чин на агресија“, посочувајќи дека македонскиот државен врв и општеството треба да сфатат дека „патот кон ЕУ минува низ признавањето и почитувањето на правата на македонските Бугари и на бугарското културно и историско наследство“.

Осуда на инцидентот дојде и од бугарското Министерство за надворешни работи, кое упати и вербална нота до нашата Амбасада во Софија и ја повика на средба амбасадорката на земјава во Бугарија, Агнеза Руси-Поповска, на која и беше врачена протестна нота.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, портпаролот на бугарското МНР Костадин Коџабашев на средбата со амбасадорката Руси-Поповска изјавил дека Бугарија очекува надлежните органи во Македонија веднаш да ги преземат сите неопходни активности за откривање и изведување пред лицето на правдата на сторителите на кривичното дело. Тој исто така посочил дека Агнеза Попоска го уверила дека надлежните институции во Северна Македонија ќе го истражат случајот со цел да се откријат сторителите.

Бугарските власти, како што јави дописникот, очекуваат надлежните органи во земјава во најкраток можен рок да преземат мерки за откривање и изведување пред лицето на правдата на „сторителите на злосторството“ врз клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски за МИА потврди дека во средата во 19 часот и 12 минути во полицијата било пријавено оштетување на стакло на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“, лоцирана на булеварот „Македонски Просветители“ во трговскиот центар Амам во Охрид.

– Полициски екипи при СВР Охрид излегоа на местото на настанот при што е утврдено дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје – изјави Димоски за МИА, додавајќи дека за настанот бил известен јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот.