Фото: МНР

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска го отвори почесниот конзулат на Македонија со седиште во Едрене. За почесен конзул е именуван Есер Џевахир и ќе ги покрие регионите Киркларели и Текирдаг.

– Задоволство ми е да во овој прекрасен град го отворам првиот почесен конзулат на Република Северна Македонија во регионов, кој сигурен сум дека ќе биде дополнителен поттик за понатамошно зацврстување на традиционално блиските и пријателски односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција – истакнал Османи во своето обраќање пред присутните гости.

Отворањето се случува на 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји, а потенцијалите за продлабочување на економска соработка, културната, туризмот, енергетиката , градежништво и инфраструктура се огромни.

– Но, не застануваме тука, туку целиме таквата соработка да ја прошириме и во конкретни проекти за што убеден сум, дека во голема мера ќе придонесе и нашиот почесен конзул Џевахир – рекол Османи, се наведува во соопштението од МНР.

Во рамки на престојот во Турција, Османи остварил средба со гувернерот на Едирне Хусејин Куршат Кирбијик, со кој дискутирале за севкупната размена меѓу двете држави, со посебен осврт на соработката со регионот на Едирне, кој е важен индустриски и туристички центар на Турција.

Османи имал средба и со голем број студенти од Македонија кои студираат на Универзитетот Тракија во Едрене. Во неформална атмосфера, се разговараше за актуелните надворешно-политички случувања на Македонија, вклучително активностите околу претстојното претседавање со ОБСЕ, со А5 и ПСИЈЕ, како и предизвиците со кои се соочува регионот и пошироко светот.