Во наредните четири години градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски ќе ја води Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) како претседател. Негови потпретседатели се градоначалниците на општините Центар и на Чаир, Горан Герасимовски и Изет Меџити. Оваа одлука е донесена на денешната конститутивна седница на Генералното собрание на ЗЕЛС.
Градоначалникот на општина Прилеп Дејан Проданоски е избран за претседател на Надзорниот одбор на ЗЕЛС.
-Од страна на колегите градоначалници ми е дадена едногласна поддршка и доверба да продолжам да го водам ЗЕЛС како претседател во наредниот период. Се надевам дека ќе имаме многу прашања и состојби кои заеднички ќе ги надминеме. Во минатото имавме одредени потешкотии со кои се справувавме, имавме одредени кризи кои заеднички ги решававме. Ќе продолжиме да функционираме заеднички и обединето без да дозволиме политиката да се меша во овие процеси и во нашето дејствување се со цел подобрување на состојбите на општините, поголема децентрализација, особено фискална децентрализација на општините – изјави Ѓорѓиевски.
Тој информира дека разговарале со колегите и останува нивна заложба во 2026 година – општините да добијат комунална полиција.
-Нешто што сериозно ќе ни помогне да воспоставиме ред, добра позитивна практика, ќе ни олесни, но ќе им олесни и на државните институции земајќи предвид дека многу од ресурсите на МВР во моментов се трошат за таа проблематика. Во перспектива таа проблематика би ја третирале ние како локална самоуправа – потенцира Ѓорѓиевски.
Изрази благодарност до колегите за дадената доверба и шанса. – Сега имам цел мандат, за разлика од минатото кога имав речиси половина мандат да го водам ЗЕЛС, додаде Ѓорѓиевски.



































