Фото: Маја Јаневска-Илиева

Психолозите и педагозите алармираат

Повторно затварање на училиштата и онлајн-настава ќе донесе само штета за учениците, која можеби нема да биде веднаш видлива, но затоа ќе биде трајна, алармираат експертите кои се занимаваат со психолошкото здравје на младите. Деновиве се појавија иницијативи за затварање на училиштата во зимскиот период, за се штеди електрична енергија, за која училишта велат дека им е прескапа и немаат пари да ја платат.

Вакво барање упатиле градоначалниците од Полошкиот Регион до Министерството за образование и наука и до Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Тие бараат зимскиот распуст да трае два месеца или евентуално да има онлајн-настава.

Двомесечен зимски распуст или онлајн-настава за училиштата да заштедат струја, бара Полошкиот Регион

Сепак, психолозите и педагозите посочуваат дека Министерството за образование треба да направи подлабока анализа за престојната состојба и како тоа ќе се одрази врз психолошкиот живот на децата. Велат дека последиците од онлајн-наставата кај учениците е згомено насилство, недостиг на внимание и концентрација, намалена мотивација за учење.

Штедење на струјата не е решение децата да не одат на училиште

Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска посочува дека учениците не одат на училиште само да стекнат знаења по хемија, математика, односно по одредени науки, туку тие стекнуваат навики во живеењето што би требале да им користат во понатамошниот живот.

Фото: Приватна архива

– На училиште учат да постават планови, да остават цел, учат како да го организираат времето, како да ги насочат своите интереси, но и како да поставуваат приоритети. Стекнувањето на знаења секако е важно, но тие добиваат вредности, како социјални норми, во насока на прилагодување, прифаќање, начин како да комуницираат со авторитети, како да изградат ставови, како себе си да се заштитат, како да се борат за своите идеи. И кога се караат и тепаат тие учат. Во училишниот период тие го учат сето она што една личност ја претставува. Отсуството од училиштето ќе направи тие, пак, да се повлечат дома, да прават нови планови. Тоа ќе ги научи нешто, но ќе има последици – објаснува психологот.

Таа вели дека поради повторното останување на децата дома ќе јават низа други проблеми.

– Родителите ќе одат на работа, кој ќе ги чува помалите деца, сами ли ќе седат тие? Поголемите, пак, што ќе прават дома два месеци? Училиштето им го организира животот, а вака ќе бидат по улици. Образование веќе е оштетено и не би требало да се продлабочува тоа оштетување. Не е решение децата да не одат на училиштете. Потребно е да се најдат поинакви мерки на штедење – потенцира Јовановска- Стојановска.

Менталнто здравје кај децата е потценето

Училишниот педагог Убавка Бутлеска вели дека се очекува училиштата во помалите градови, особено оние во селските средини да бидат длабоко погодени од енергетската криза.

– Во Скопје можеби нема да биде толку страшно во однос на греењето на учениците, зашто многу училишта се затоплуваат со парно. Но, останатите ќе бидат загрозени, зашто голем дел од општините нема да можат да ги покријат високите сметки за струја. Сепак, се надеваме дека во следниот период во пакетот на антикризни мерки ќе се стави приоритет на училиштата, кои треба последни да се затворат – објаснува педагогот Бутлеска.

Фото: Приватна архива

Таа се прашува каде е стратегијата на државата насочена на образовните институции ако зимските месеци се затворат училиштата и децата учат од дома, како и која ќе биде ползата од онлајн-наставата во зимскит период.

– Ако не се троши струја на училиште, повеќе ќе се троши во домовите. Онлајн-настава имавме повеќе од една учебна година поради пандемијата. Знаеме дека од тоа немавме многу полза, зашто потоа кога децата тргнаа на училиште ни требаше време да ги ставиме во колосек. Ни требаше многу енергија да го надоместиме периодот кога не се гледавме во живо. Сретнавме едни поинакви личности од претходно. Сретнавме едни поинакви промени кај тие деца – објаснува таа.

Според неа, училиштето на децата им е единственото место каде можат да се дружат, да излезат од својата домашна средина.

– Менталнто здравје кај децата е потценето. Не сфаќаме колку тоа е важно. Сè што се случува во надворешниот свет кај децата влијае повеќе од двојно отколку кај возрасните. Ако учат од дома ќе се соочат со губење средби со другарите кои секојдневно ги среќаваат во училиштата, зашто поинаква е маалската дружба и таа на училиште. Се губат комуникациските вештини кај децата. Поголем дел од времето ќе го поминуваат на социјални мрежи. Тоа доведува до повлекување на личноста. А, квалитетот на стекнатите знаења е друга приказна. Времето ќе покаже како децата ќе продолжат во животот со намалени знаења – заклучува Бутлеска.

За барањето за онлајн-настава „Нова Македонија“ побара став од Министерството за образование и наука, но и одговор на прашањето како и дали се прави анализа на состојбите. Одговорот од МОН ќе го објавиме веднаш што го добиеме.


Арсовски: Нема промена, во интерес на учениците е настава со физичко присуство

Во интерес на учениците е настава со физичко присуство, нема промена во начинот на нејзината реализација, а Владата за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука, вели портпаролот на Владата Душко Арсовски.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на вчерашната седница на Владата немало дискусија за тоа.

-На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука – рече Арсовски, дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта.

Организирањето во смисла на трошоците за загревање на училиштата, дополни владиниот портпарол, е во рамки на надлежностите на општините односно на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините. Така што, потенцираше Арсовски, важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.