Комитетот за човекови права на Обединетите нации оцени дека Бугарија ја прекршила слободата на здружување со одбивањето да регистрира организација на етничките Македонци за заштита на нивните права, објави на социјалните мрежи ОМО „Илинден“ – Пирин.
Според објавата, станува збор за невладината организација „Правозаштитен комитет Толерантност“, која поднела барање за регистрација согласно законските процедури, но добила негативна одлука без детално образложение. Одлуката подоцна била потврдена и од Апелациониот суд.
Во оценката на Комитетот, како што пренесува организацијата, се посочува дека судските одлуки биле нејасни и претерано формалистички, при што не биле земени предвид дополнителните информации доставени од подносителот на барањето.
– Постоењето на здруженија кои мирно промовираат идеи за толеранција и коегзистенција на различни етнички групи мора да се заштити, дури и ако нивните ставови не се споделуваат од властите или од мнозинството на населението – изјавила Ивон Дондерс, членка на Комитетот за човекови права на ОН – пренесува ОМО „Илинден“ – Пирин.
Според истите информации, Комитетот заклучил дека државата не го оправдала одбивањето на регистрацијата, ниту покажала дека мерката била неопходна и пропорционална, како и дека не било прецизирано кои законски одредби биле прекршени.
Комитетот ја повикал Бугарија да ги преиспита судските одлуки и да обезбеди компензација за жалителот, како и во рок од 180 дена да достави извештај за преземените активности.
Од организацијата наведуваат дека станува збор за значајна одлука во контекст на правото на здружување и заштитата на човековите права.


































