Со децении, припадниците на Одделот за заштита на личности и објекти покажуваат висок степен на професионалност, дисциплина и оперативна подготвеност во извршувањето на своите задачи, често во комплексни и чувствителни безбедносни ситуации. Иако нивната работа најчесто се одвива надвор од фокусот на јавноста, таа има суштинско значење за стабилното функционирање на институциите и зачувувањето на безбедноста во државата. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денес присуствуваше на одбележувањето на 18 февруари – денот на формирањето на Одделот за заштита на определени личности и објекти, организациска единица со долгогодишна традиција и значајно место во националниот безбедносен систем.
-Во текот на 2025 година реализирани се обезбедувања на 61 делегација и 153 меѓународни и домашни настани, оценети со највисоки оценки од нашите меѓународни партнери. Тоа е потврда дека македонската полиција стои рамо до рамо со најдобрите и работи во согласност со највисоките професионални стандарди – потенцира министерот Тошковски, стои во соопштението на МВР.
Тошковски нагласи дека во услови на динамична и сè покомплексна безбедносна средина, врвен приоритет за раководството останува постојаното подобрување на условите за работа, инвестирањето во стручни обуки, модернизацијата на опремата и јакнењето на институционалната поддршка.
Министерот упати благодарност до сите сегашни и поранешни припадници на Одделот за нивната посветеност, одговорност и професионален однос, потенцирајќи дека нивниот ангажман претставува значаен дел од вкупниот капацитет на Министерство за внатрешни работи и има директен придонес во зајакнувањето на довербата на граѓаните во институциите – се наведува во соопштението.
































