Со пораки дека сеќавањето е морална должност, а борбата против омразата историска одговорност, денеска кај поранешниот тутунски комбинат Монопол во Скопје беа одбележани 83 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка.
На настанот беше истакнато дека не смее да се дозволи заборавот да ги проголта македонските Евреи, како и дека постои само една историска вистина за трагедијата што ја погоди еврејската заедница во Македонија за време на Втората светска војна.
Претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, во своето обраќање нагласи дека и по 83 години болката и горчината не се намалуваат.
– Пред точно 83 години овде времето запре. Овде исчезна една заедница. 7.144 Евреи исчезнаа во логорот Треблинка. Исчезнаа Калдерон, Леви, Нахмијас, Камхи, Русо, Садикарио, Мизрахи, Фараџи, Алба, Шами и илјадници наши блиски и роднини – рече Леви.
Тој потсети дека патот кон Треблинка започнал токму во Монопол, од каде македонските Евреи биле транспортирани со сточни вагони, „натоварени како товар, а не како луѓе“.
Леви истакна дека 98 проценти од еврејската популација во Македонија била уништена, што претставува еден од највисоките проценти на уништување на Евреи во окупирана Европа.
Во своето обраќање тој предупреди и на современите обиди за искривување на историјата на Холокаустот и глорификација на нацистите и нивните соработници.
– Може да има многу политички мотивирани приказни, но постои само една историска вистина. Во меморијалниот простор во Треблинка постои камен со натпис Македонија, кој ја симболизира трагедијата на 7.144 македонски Евреи. Тој камен не е геополитичка формула, туку историја на македонските Евреи и историја на Македонија – истакна Леви.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер рече дека како претставник на Германија е длабоко трогната од можноста да се обрати на одбележувањето, нагласувајќи дека Холокаустот претставува злосторство против човештвото за кое историската одговорност на нацистичка Германија е неспорна.
– Дури и 83 години подоцна, суровоста и бруталноста што им беа нанесени на еврејските семејства од Битола, Скопје и Штип остануваат несфатливи. Холокаустот беше кулминација на омразата, антисемитизмот, пропагандата и институционалниот расизам, кои го отворија патот за систематско уништување – рече Дрекслер.
Таа нагласи дека прифаќањето на минатото значи признавање на историската одговорност и одржување на сеќавањето живо, со цел да се спречи повторување на такви злосторства.
Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање порача дека сеќавањето на жртвите е морална обврска на општеството.
– Во март 1943 година повеќе од седум илјади наши сограѓани – Евреи од Скопје, Битола и Штип – беа насилно одземени од своите домови и депортирани во логорот Треблинка, каде што нивните животи беа сурово прекинати. Зад оваа бројка стојат имиња, семејства и судбини, луѓе кои биле дел од ткивото на нашите градови и од духот на Македонија – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека трагедијата претставува и потсетник за обврската да не се дозволи омразата, антисемитизмот и расизмот повторно да добијат простор во општеството.
Евреите од Битола, Штип и Скопје во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле собрани во скопскиот Монопол, кој бил претворен во привремен логор. Оттаму, во три наврати, биле депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска.
Транспортот започнал на 22 март 1943 година, а до 29 март биле депортирани сите 7.144 македонски Евреи, од кои ниту еден не се вратил. Во периодот од август 1942 до септември 1943 година во логорот Треблинка биле убиени околу 925 илјади луѓе.
















































