Денеска во Битола и Долно Оризари се одбележаа 22 години од масакрот кај Вејце, кога во конфликтот во 2001 годинa загинаа осуммина припадници на специјалната единица на МВР, а од нив 4 беа битолчани.
По повод одбележувањето на 22 години од загинувањето кај Вејце во чест на битолските бранители, пред споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола, споменикот „Ангел“ кај Саат кулата и споменикот на Бошко Најдовски во Долно Оризари, свежо цвеќе положија градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Советот на општина Битола, полицијата, семејствата на загинатите, политичките партии и граѓаните.
Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски беа битолчаните кои што го загубија животот.
-Тука сме да го зачуваме споменот за овие македонски херои и да оддадеме почит и укажеме она што во историјата останало зад нас да го запомнеме и да не го заборавиме. Иако болката за загинатите бранители е голема, сепак животот продолжува, заедно и здружено во Битола, со споменот нивни да продолжиме да го градиме ова општество во кое заедно треба да живееме- рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
М.М.