Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска свечено го одбележа неговото 100-годишно постоење. Меѓу другото, беа спомнати и заканите како ковид-19 и дезинформациите околу безбедноста на вакцините. На настанот во Скопје беше промовирана и монографијата со наслов „100 години – Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија, 1924-2024 година – чувар на јавното здравје“.
Директорот, доктор Шабан Мемети зборуваше за превентивните активности што биле насочени кон закани како што се нови варијанти на инфлуенца вирусот, коронавирусот.
– Несомнено, еден од најголемите предизвици со што се соочивме во последната деценија е пандемијата со вирусот ковид-19. Пандемијата ги тестираше нашите отпорност и способност како никогаш досега – подвлече Мемети.
Сепак, преку колективни напори, тие се движеле низ овие турбулентни времиња со издржливост и решителност.
– Денес одбележуваме 100 години посветеност на грижа на јавното здравје. Еден век витална мисија за превенција на заразните и незаразните болести, што претставуваат закана, не само за населението на Северна Македонија, туку и глобално – додаде директорот на ИЈЗ.
Мемети се осврна и на дезинформациите и скептицизмот изминатите години околу безбедноста и ефикасноста на вакцините, поради што, како што рече тој, се соочуваме со епидемии на болести што се превентабилни.
Според министерот за здравство Илир Демири, пандемијата од ковид-19 бил најдобар показател за значењето и улогата на Институтот за јавно здравје.
– Со што, се уверивме, колку е битен Институтот за јавно здравје и колку е битна специјалноста – епидемиолог – истакна Демири.
Тој, меѓу другото, рече и оти треба во многу блиска иднина да се формираат и други одделенија, сектори во склоп на Институтот за јавно здравје, во склоп на Министерството за здравство, со цел развој на програми што се во улога на превенција на здравјето и за да имаме поквалитетен здравствен систем.
Пред присутните, преку видео-обраќање, говореше и директорот на Регионалната канцеларија за Европа на СЗО, доктор Ханс Хенри Клуге.
– Ова патување почна во 1924 година, кога беше основан Институтот за тропски болести во Скопје и се разви од станица за бактериологија до лабораторија за тестирање заразни болести. Оттогаш, развојот на Северна Македонија беше неверојатен – подвлече Клуге.
Тој рече дека тие ќе продолжат да бидат наш стабилен партнер во јавното здравје, „сега и засекогаш“.
Со видео-порака се обрати и директорката на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, доктор Андреа Амон.
– Во споредба со вашиот институт, нашиот, ЕЦДЦ, е многу млад. Многу сум задоволна што во изминативе 15 години, нашата соработка вроди во плодно и зрело партнерство – истакна Амон.