Со положување цвеќе на спомен-обележјето во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, денеска беше одбележана 20-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, членовите на делегацијата и екипажот на авионот.
Како што информира владината прес-служба, на спомен-обележјето кај Ротимље, каде што се случи несреќата, цвеќе положија претставници од владината делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање. Цвеќе положија и полковник Билјана Блажеска, претставник од Кабинетот на Претседателот на Македонија, пратеници од македонското собрание, како и претставници од Армијата на Македонија, ЕУФОР-БиХ.
Од име на Владата, а во чест и спомен на поранешниот претседател Борис Трајковски, пригодно обраќање имаше шефот на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
– Oва спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг. Ова е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината. Денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат ѝ е членството во Европската Унија. Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот тој знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Пред спомен-обележјето, заедно со македонската делегација почит оддадоа и високи претставници од Босна и Херцеговина и од градот Мостар.
На Градските гробишта во Бутел денеска цвеќе на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски положија членови од семејството и повеќе делегации.
Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани положија цвеќе и се поклонија пред споменикот „Македонија“ во Струмица, подигнат во негова чест.
На 26 февруари 2004 година во авионска несреќа загинаа поранешниот претседател Борис Трајковски и осумчлената делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија: портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.