Писмо од Барселона
Драги мои, дел сум од македонските раселени душички, уште едно бакарно париче од хуманото благо на Македонија, кое, би рекол, толку лесно го расфрла по светот. А пак ние, чиниш сме распрскани ѕвезди што блескаат врз неа во ноќите.
Работам како очен лекар во Барселона и, гледај чудо, она што ме привлекува кај луѓето е сјајот во нивните очи, нивниот поглед, кој открива мечти, судбини, жарови, празнини, кој раскажува приказни, смирува души, инспирира подвизи. Признавам, допираат до мене нотите што ми будат топли чувства, независно дали се модерни или класични композиции. Сметам дека во врвулицата на животот музиката има огромна духовна вредност и слушајќи ја ни помага да поминеме пријатни моменти и да заборавиме на секојдневните тежини што притискаат врз плеќите.
Во предвечерието на Пресвета Голема Богородица, патот ме однесе во Збажди, малечко село во Струшко. Споменикот пред влезните порти ми прошепоти за патриоти, за востаничка историја, за изгубени младости. Ете, баш таму, во местото на своите фамилијарни корени, во раззеленетите ормани од неговото најрано детство, Симон Трпчески сонуваше да го отсвири магичното дело „Македонисимо“. Тоа е, како што вели тој, „извонреден личен проект од и за македонскиот народ“, уникатни и недоловени звуци, долго негувани во неговата душа, на кои Панде Шахов им даде форма и ритам, пауза и напнатост, висина и должина, анализа и синтеза, тактови и пасажи.
Ќе го цитирам: „Македонисимо спојува неверојатни ритми и прогонувачки мелодии на македонската народна музичка традиција со виртуозни рифови и хармонии под влијание на џезот“.
И, кога веќе го спомнав Симон, сакам да се исповедам пред вас: трипати го видов и ги погледнав неговите очи, секогаш различни…, но нивната искреност и длабочина кријат моќ, а сериозноста влева сигурност, открива амбиција и зрачи со гордост.
Збажди беше „на нога“, потонато во свечена атмосфера, нашето знаме на висок јарбол, домаќините шетаа во чисти народни носии и со широки насмевки пееја љубовни народни песни, но руморот дека во Охрид и Струга истура дожд им ги вознемируваше погледите. Полјаната на Богоевци, распослана високо над крстот, на час пред концертот ја покрија натежнати облаци, се затемни она убаво широко зелено парче земја со свежо искосена трева, каде што народот, онаа непресушна река од луѓе, се собираше на купче.
Очите му беа насмеани, шеретски. Магија.
Се разведри, концертот почна. Ведрите тонови на првата плетенка од ритмични ора беа поздравени со силни аплаузи. Народот веднаш ја препозна мелодијата на уводната композиција и со ракоплескање го следеше ритамот на оркестарот. Сите беа весели, контактот беше чист, спонтан, „од прва“. Тоа, едноставно, не може да се случи кога го свириш „Македонисимо“ надвор од Македонија… Какви сака сали нека бидат, каде било во светот, сепак, дома си е дома, свој на своето! Еуфоријата направи луѓето да ги сплетат рацете, да се стиснат еден до друг, душите се споија во некое замислено коло.
Срцата на сите Македонци го препознаа спонтано и затрепереа во исконскиот ритам. Очите на Симон бликаа од среќа. Алегрето грациозо. Потоа, некако неочекувано за сите, втората плетенка донесе спокој. Во првиот момент помислив дека тоа се леките стапки на квечерината. Сепак, не бев во право, блаженоста ја донесе тој. Нѐ имаше мнозина пред него, стотици, но Симон наеднаш „се затвори во себеси“ и во интимата засвири само за два драги лика – за татко си Ѓорѓија и мајка си Нетка. „Чие је она девојче“, запеа со растреперен глас. Благодарниот и благороден син се најде сам пред нив и мислиш ги гали типките како да ги милува нивните лица, им ги бакнува кротките очи и ги гушка во безвременска прегратка. Вечноста како капка се згусна пред нас во неповторлив момент, а сѐ околу беше само сфумато за генијалниот фамилијарен портрет!
Очите на Маестрото беа како оние на нежна срна. Растреперена струна.
Следните сплетови се редеа како бисери, цупкаше музиката низ нашите души, нѐ креваше до небеси и нѐ спушташе до дното на емотивниот океан, ритамот на нашите срца забрза кога македонскиот виртуозен квинтет торжествено ја засвири онаа незаборавна, слатка и возбудлива народна мелодија „Не си го продавај, Кољо, чифликот“. Напросто, емоциите се разлеаја во етерот како акварел со виножитни бои на белиот лист.
Таа вечер тој не само што свиреше туку кажуваше медни зборови за татковината, пламено цитираше наши дејци (Константин Миладинов), читаше есеи на Македонци горостаси (Горан Стефановски), рецитираше македонска поезија, ги спомна институтот за фолклор „Марко Цепенков“, ансамблот за народни песни и игри „Танец“, не го заборави ни Сариевски… дури засвири на хармоника и запеа! Алал вера!
Со настрвен поглед, овој пат патриотска „пушка берданка“, ни зборуваше нам,привилегираните гости во неговото село, но во тонот на гласот, во широката насмевка и во стиснатата тупаница, почувствував дека всушност ни се обраќа на сите Македонци, каде и да се. Колку сме, толку сме, токму сме, но едно да сме, порача со челичен глас, кој не трпи спротивставување! Овој пат, очите на Симон беа меланхолични, речиси побожни. Успеа да ја накити својата Малесија како за на свадба.
Долго ќе се раскажува за она што се случи во тој августовски ден.
Средба со Симон Трпчески имав во октомври 2019, во Аудиториумот на Барселона, само некој месец пред „глувата“ пандемија сурово да нѐ оддалечи или братски зближи, веќе не знам што да кажам. Помнам како сега да е, под стаклената купола на музичкиот комплекс „нема каде чкорче да фрлиш“, 2.200 луѓе што мечтаат за врвни интерпретации го исполниле акустичниот простор. Додека со колегите, поканети од моја страна, се воодушевувавме на штотуку завршениот концерт, опиени од неверојатната виртуозност на македонскиот пијанист и од маестралниот настап со националниот филхармониски оркестар, одеднаш, насмеан и расположен од долгите аплаузи, се врати по вторпат кај ценетите гости… и, пред полната сала, без да му затрепери гласот, ми го посвети мене лично воодушевувачкиот бис – партитура од Концертот за пијано и оркестар од Рахманинов. Незаборавно!
Во тој момент ја доживеав големата врска на Симон со татковината. Не, тој не свиреше само за мене, туку за сите нас Македонци, распослани охридски бисери низ целиот свет, кои мечтаеме за „мајчината“ топла прегратка. Ех! Крвта не е вода… нѐ влече таа како магнет со својата мачна историја и безвременска култура, која ни се закоравила во вените. Таа наша музика, тие уметници, глумци, писатели – им нема рамни.
Владимир Попоски,
Очен лекар, Барселона, Шпанија