Фото: Архива

Аристотел: Оние што ги едуцираат децата треба да се почитуваат повеќе од оние што ги создале, бидејќи тие само им дале живот; додека првите им ја даваат уметноста на живеењето

ПЕТТИ ОКТОМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА УЧИТЕЛОТ

Со работа често и во несоодветни услови, во постојана битка за соодветно вреднување на вложеното, растргнати меѓу притисокот за „сите петки“ и потребата да создадат генерации што пред сè ќе научат, меѓу постојани системски реформи и бремето на политизација која ја носат на плеќите, македонските учители децении наназад се борат да ја вратат почитта и од родителите и од надлежните во системот. Што тие им порачуваат на децата, родителите и надлежните, кои одлучуваат како ќе изгледа македонското образование, прашавме тројца истакнати учители.

Денес е Меѓународниот ден на учителот, кој се одбележува секоја година од 1994, кога бил утврден од УНЕСКО за да се слави учителската професија. Целта е да се мобилизира поддршката за наставниците и да им се овозможи да бидат во состојба да одговорат на потребите на идните генерации.

Елизабета Секирарска: Верувајте ни, ни должите почит, и покрај сè учителот е горд затоа што знае дека, сепак, не даскалува залудно

Елизабета Секирарска, професорка во СОУ „Перо Наков“ – Куманово на децата им порачува повеќе да им веруваат на учителите, додека родителите и надлежните ги замолува за повеќе почит.

– Би сакала на сите чинители кои, секој на свој начин се составен дел од она што овој ден означува, да им пратам соодветна порака. На децата, пред сѐ: Верувајте ни повеќе. Чувствувајте нѐ како некој што вложува во вас, за да бидете свои, изградени и подготвени за живот. Бидете со нас, бидејќи заради вас постоиме. На родителите: Почитувајте нѐ повеќе. Чувствувајте нѐ како оној за кого вашето дете е негово. Многу често, и повеќе. За надлежните: Почитувајте нѐ повеќе. Ние сме оние што градат, создаваат, творат за и со децата. Само и само за нив. Ни должите почит – порачува Секирарска.

фото: Приватна архива

За неа да се биде учител, значи да се биде среќен онаму кајшто си, да се излегува во пресрет и најважно, да се биде горд со мислата дека не го вложува сиот труд залудно.

– За сите наставници, вечните борци за здивот на училницата: Нека ни е среќен Денот. Оној ден кога педагогот, психологот, творецот на мислата и ставот кај детето, оплеменувачот на неговиот хоризонт, вториот му родител, лекувачот на расипаните мечти, вечниот вљубеник во детското око, најупорниот симбол на битката за одбрана на умот – ќе се исправи и ќе се потсети зошто пред толку време станал тоа што е. Зашто и покрај сѐ, сѐ уште е тоа што е. Зашто е среќен кога децата созреваат со него и својата зрелост ја вдишуваат од неговите даскалски плеќи. Зашто остарен ја носи младоста под рака и никогаш не старее. Зашто се сеќава кој каде седел во клупите и кога ќе се сретнат, ќе го препознае детето по насмевката, по начинот на кој перчето коса му паѓа на челото, по дупчето на образите. Зашто ништо не го боли кога после толку време, израснатото и созреано дете ќе го прегрне и ќе му каже дека му е благодарно за времето поминато со него. За она што го научил. Зашто подгрбавен брза на час и со благост ги простува последиците на причините – оние за кои децата немаат вина. Зашто и покрај сѐ, сѐ уште е горд затоа што знае дека, сепак, не даскалува залудно – вели професорката Секирарска.

Гоце Бумбароски: Обидете се за кратко да ги обуете чевлите на учителот, тогаш можеби ќе се врати дигнитетот на оваа професија 

За м-р Гоце Бумбароски, наставник во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп, изградениот и професионалниот просветен работник секогаш треба да биде пример полн со одговорност, разбирање и посвететност на работата.

– Кои учители оставаат најдлабок впечаток? Се сеќавате ли на некој учител што навистина ви оставил впечаток кога сте оделе на училиште? Многу учители слушнале изрази на ценење од учениците, па дури и од родителите, и со тоа биле охрабрени да продолжат со наставната работа и покрај проблемите. Заеднички фактор за толку многу вакви забелешки е искрениот интерес и љубезноста што ја покажал учителот кон ученикот. Се разбира, немаат таков позитивен пристап сите учители. Освен тоа, учителите честопати се изложени на многу притисоци што го ограничуваат она што можат да го направат за своите ученици. Ова нѐ води до прашањето: Зошто луѓето избираат таква тешка професија? Само авторитетниот учител е достоен за почит. Во минатото се почитуваше зборот на учителот како светост, се почитуваше неговото мислење и знаење. Денес статусот и платите на просветните работници не го задоволуваат вложениот труд – вели Бумбароски.

Фото: Приватна архива

Според него учителот треба да е пример за децата, да внимава на многу нешта. И преку својата облека дава пример на своите ученици. Тој треба да е уреден, педантен, онака како што доликува на неговиот повик.

– За да укажете нешто на својот ученик треба од себе да тргнете. Онака како што ќе ве прифатат вашите ученици, такво име и дигнитет ќе ве следи и во иднина. Родителите не треба секогаш премногу заштитнички и емотивно да ги примаат критиките за своето дете. Подобро е наставникот да го искара, посоветува ученикот, тоа е за добро на детето и за семејството, но ќе биде и порака за подобро однесување и повисоки оценки. Од тука почнува и градењето на односот наставник – родител – ученик. Мнозинството родители денес си ги штитат децата, а учителот иако е во право, тоа поинаку се разбира. Треба сите ние родителите да сме покритични кон своите деца – тврди наставникот.

Бумбароски вели дека кога некој би пробал да се идентификува со учителот и со она што тој го прави, учителската професија би била многи повисоко вреднувана.

– Учителот важно е да го даде знаењето кое од детето ќе изгради самостојна и успешна личност! И сето тоа во време на материјално општество, изгубени морални вредности, материјален натпревар и неповратна оттуѓеност од човекот во самите нас. Обидете се за кратко да ги обуете чевлите на учителот кој секое утро ги носи! Кога за кратко ќе ви успее да се ставите во негова кожа, дури тогаш можеби ќе се врати дигнитетот и почитувањето на оваа професија! Во моментов двигател на учителот не е неговата бедна плата, туку љубовта која секојдневно ја добива од своите ученици – порачува Бумбароски.

Татјана Алексиќ: Креативниот наставник живее во моментот, делува спонтано, храбро и самоуверено, користи идеи што произлегуваат од неговите ученици

Современите образовни политики го исполитизираа и најсветото нешто – учителствувањето, тврди Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. Според неа, концептот на познатиот чешки педагог, философ и теолог Јан Амос Коменски за нужноста од сестрано образование за сите, е останат некаде во минатото.

– Учителствувањето е рамно на битисувањето – битноста децата да растат во здрави личности мотивирани за учење и спознавање на животот. Важноста да се биде добар учител со развиена емоционална интелигенција е пред сите други нивоа на интелигенција и уважените дипломи, а културата на едно општество се препознава токму преку учителите и образовниот систем и тоа како, а не само што се учи.
Учењето е една од најважните активности на човекот во текот на целиот живот. Учењето е одговорност, а пренесувањето на знаењето е креативност, учителите треба да умеат со учениците, а не само да го познаваат материјалот што треба да го пренесат. Учењето треба да се индивидуализира, секој да научи како да ги препознае своите способности, да ги доразвива вештините и да креира посебен однос кон учењето – вели професорката Алексиќ.

Фото: Приватна архива

Според неа, успех на секој наставник е кога учениците го надминуваат, но и дека учителот треба да го красат доблести, потенцијали и високи критериум како предизвици за надминување, оти просечноста создава просечност.

– Учењето преку игра може да функционира во одреден период, но не да се сфати буквално оти играчките се за играње, книгите се за читање! Прагматизмот во образовниот систем сервира стереотипи, кои пак сервилно, неводејќи грижа за индивидуалноста, продуцираат клонови или „програмски машини“ и идни конформисти полни предрасуди. Затоа, наместо да се обидуваме да ја дефинираме креативноста треба да ја реализираме и репродуцираме преку нашите ученици, за да бидат подобри од нас. Креативниот наставник живее во моментот, делува спонтано, храбро и самоуверено, користи идеи што произлегуваат од неговите ученици менувајќи ја лекцијата за да заврши со оригинални поенти. Поентата на учителствувањето е да поентира со сестрано образовани луѓе што умеат да си ја препознаат индивидуалноста и истата продадат на пазарот на трудот – крајната цел на учењето е да се живее од наученото – заклучува професорката.

Нека им е честит денот на овие херои, кои секојдневно се трудат да го направат светот подобро место за живеење.