Посветено на некои идни генерации, деновиве излезе од печат делото „Македонија е сè што немаме“, на проф.д-р Билјана Ванковска. Книгата е збирка од колумните објавени во „Нова Македонија“ во последната деценија.
Книгата е во издание на „Св. Ѓорѓи Полошки“, издавачка дејност при Повардарската епархија.
Митрополитот г. Агатангел во предговорот вели дека изданието е поддржано како сведоштво за идните генерации за периодот од изминатите 10 години, во кој е забележан еден од најголемите падови на македонското национално ткиво.
-Покрај благодарноста кон редакцијата на „Нова Македонија“ која негува вистински слободен простор за општествена критика и различни позиции кон јавните прашања, овој пат благодарноста оди и кон Повардарската епархија која одлучи колумните кои беа и се сведоштво на еден исклучително драматичен период од нашата историја да остане запомнет и вкоричен во книга. Имајќи во вид дека јас сум еден од ретките јавно декларирани агностици во Македонија, ова издание покажува дека Македонија е таа почва која не поврзува во борба за нејзино сочувување, во човечка љубов и заемно почитување без оглед на сите други разлики – вели проф. Ванковска.